А да ја укинете државата? – Пишува Роберт Димитриевски

Ваква збирштина некадарници на (нај)високи функции ниту имало во современата (македонска) историја, а богами треба да се ѕирне и во средновековието, па и во антиката, ниту ќе има повторно. Како овдешнава плејада неспособни егземплари на власт еднаш мајка раѓа.

При „канадери“ и хеликоптери за гасење пожар со кои Македонија дури и им помагаше на соседите до пред цунамиво од 2017 година навака, дочекавме онаа несреќа што пуштила брада „да ги моли Бугарија и Јанев (техничкиот премиер – н.з.)“, како што јавува БГНЕС, за помош?! „Бојко љубави“, пак, му се „обадил“ на Радев да ни прател противпожарни екипи?!

Какви просјаци! Откако не постои врата на која не тропнаа за да питачат за вакцини додека цел нормален свет навреме си ги капариса, ги набави и почна со масовна вакцинација на населението, сега тргнаа да кукумјавчат наоколу за „пожарогасители“.

Не е никаков проблем да се побара помош кога си во неволја. Проблем е што дунстериве влегуваат од една во друга. Крај нема. Тамам ќе слегне правот од неспособноста да им издадат сведителства на учениците, ќе заглават со издавање исправи (патни, возачки, лични…). Снегот ги изненадува во зима, огновите во лето. Езера им пресушија, нив мува не ги лази. Градови им се задушуваат во смрдеа од диви депонии, други „кубурат“ со вода на 40 и кусур Целзиусови степени.

И сето тоа во 21. век во држава во Европа, членка на НАТО, кандидатка за влез во Европската унија. Плус се задолжија со две милијарди евра ѓоа за коронакризата, а ваму „мољакаат“ наоколу за сенешто.

Зини земјо, голтни ги! А бе окупатори да беа, немаше олку неодговорно да се однесуваат кон јавните ресурси. Негативна селекција да правеа, па немаше толку погрешни луѓе да квакнат на вистински позиции.

Зошто, побогу, некој би плаќал данок и какви сè не давачки кон држава неспособна да ги сервисира ни најосновните потреби на своите граѓани, полначи на нејзината каса?

А да ја укинете државата? Со еден удар ќе отепате две муви – ем ќе ги задоволите апетитите на некои соседи, ем ќе ги куртулите граѓаните од непотребни трошоци. Оти, ваква каква што е, не му треба никому.

Има само една фалинка идејава. Нема ли држава, ќе немате каде (пре)скапо да ги „продавате“ сопствените безидејност, плиткоумност и безделничење додека лажете пред секои избори колку сте „ин“, „фенси“ и прогресивни. А во суштина, да ве немаше, ќе требаше да ве измислат. Како пример за сите по вас како не смее да се раководи со држава.