Мехмети: Македонија ќе стигне таму каде што стигне Титова Југославија

Писателот и аналитичар Ким Мехмети со уште една анализа за агенцијата БГНЕС во кое отворено ја прикажува сопствената омраза кон земјата чиј граѓанин е и сограѓаните Македонци.

Овој пат повод е Илинденското востание за кое вели дека и Македонија и Бугарија го прославија, но со различни толкувања на вистината за неговото значење.

„Според бугарските и албанските историчари, на 2 август 1903 година, по ослободувањето на градот Крушево, бил формиран Советот на Крушевската Република, составен од 20 бугарски револуционери и исто толку Албанци и Власи.

Но, според историчарите на модерното Скопје, на Илинден во 1903 година, денешната суверена и независна Македонија била замислена како единствена држава на македонскиот народ“ пишува Мехмети за БГНЕС.

„Меѓутоа, годинашното одбележување на Илинденското востание на Мечкин Камен беше збогатено со албански фолклор и присуство на претседателот на ДУИ (Демократска унија за интеграција).

Ова јасно покажа дека денешната демократска Македонија е изградена според комунистичките формули на поранешна Југославија. Ова значи дека продолжува во братството на партиските лидери, на кои народот им пее, а тие лежат на плеќите на поделените „народи и националности“, и играат според нивната моќ.

Тоа , вели Мехмети, значи дека Македонија ќе стигне таму каде што стигне Титова Југославија: да стане „школка“ која има кој да ја брани однадвор (НАТО), но која никој внатре не може да ја почувствува и признае како своја земја“.

Мехмети вели дека Македонија оди напред. Без разлика што наместо да оди во Брисел, патот ја одведе во Белград.

Во „анализата“ Мехмети подучува дека Македонија може да развие добрососедски односи со сите околу себе, но само откако прво ќе ја прекине папочната врвца што ја поврзува со Белград.

„Ова е услов за да ја сфати вистината за себе, како и реалноста дека само нејзиниот Исток и Запад, односно само Албанија и Бугарија се тие што ќе и дозволат да биде сама, да биде свој господар и да биди на своето“, пишува Мехмети.