Што сè од Заев и Османи барала Софија, а тие според Бугарија прифатиле

Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со официјално соопштение, според кое премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи се согласиле да се ангажираат за исполнување на пет бугарски барања од Македонија.

„За време на средбите на премиерот Зоран Заев на 17 јуни 2021 година во Софија со претседателот Румен Радев и со премиерот Стефан Јанев, како и во разговорите меѓу министрите за надворешни работи Светлан Стоев и Бујар Османи, од страна на Република Северна Македонија беше изразена подготвеност за исполнување на следните ангажмани:

  • во најкратки рокови Скопје да потврди пред ООН, во согласност со чл. 11, ал. 3 од Договорот за добрососедство, дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект ‘Република Северна Македонија’, а не на географскиот регион ‘Северна Македонија’, од кој дел се наоѓа во суверените граници на Бугарија. По испраќањето на таквата Вербална нота, Бугарија веднаш ќе запре да инсистира за употреба само на долгото име ‘Република Северна Македонија’ во ЕУ и во меѓународните организации;
  • Република Северна Македонија конечно да ги повлече своите малцински претензии кон Бугарија, потврдувајќи дека не постојат историски, етнички или други основи за барање статус на малцинство за која било група луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија. Ова би било во согласност со клаузулата за немешање во внатрешните работи на Бугарија, утврдена во чл. 11 ст. 5 од договорот од 2017 година;
  • Република Северна Македонија да иницира процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија би го одразил во пракса нашиот заеднички европски цивилизациски избор;
  • Република Северна Македонија да ја прилагоди со Бугарија содржината на нејзините наставни програми со цел објективно да ја рефлектира нашата заедничка историја, поставена како централен елемент во Преамбулата и во чл. 8 ст. 3 од Договорот за дообрососедство, како и со цел отстранување на образовната содржина што влева омраза кон Бугарија (чл. 11 ст. 6);
  • Идентификување заедно со Бугарија и отстранување на табли и на натписи на територијата на Република Северна Македонија што предизвикуваат омраза кон Бугарија и Бугарите“, стои во соопштението на бугарското МНР.

Министерот Османи го негира тврдењето на Бугарија

Кој лаже за средбата на 17 јуни: Скопје или Софија?