Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги негира наводите на официјална Софија дека Македонија се обврзала да спроведе 5 барања.
Тој за соопштението на бугарското МНР тврди дека од македонска страна не се преземени никакви обврски.
“Обврски не се преземени. Во Софија воспоставен е отворен дијалог за позициите на двете страни во однос на прашањата. Ние разменувавме идеи за можни решенија по однос на сите тие точки кои се споменуваат, а се комплементарни на основната идеја што ја дава португалското решение”, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи на гостувањето на телевизија Канал 5, во однос на писмото од бугарското МНР.
“Ние разменувавме идеи за можни решенија по однос на сите тие точки коишто се спомнуваат овде, а коишто се комплементарни на основната идеја којашто ја дава португалското решение. Целта на Договорот од 2017 година е разликите да се стават во една рамка и заеднички да ги најдеме решенијата, заеднички да ги преземеме обврските”, објаснува Османи.
Според бугарското МНР владата на Заев презела обврски на средбата во Софија по што излегува дека некоја од двете страни лаже.