Хоџа: Цел на ЕУ-фронтот е отстранување на границите меѓу браќата и обединување во ЕУ, исто како со „Сојузот од Лежа“!

„Нашето координирање во рамки на ‘Европскиот фронт’ во 2024 година има иста вредност како и историската важност, која ја има Сојузот од Лежа, со кој нашиот национален херој Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег ги обедини сите албански родови. Исто како тогаш така и ние денес се обединуваме, бидејќи имаме голема цел, која ги надминува тесните интереси, било да се поединечни, било да се групни: таа цел ќе донесе отстранување на границите меѓу браќата и така обединети во Европската Унија ќе покажеме дека сме дел на западната цивилизација, која ја градеа нашите претци!“порача Аријанит Хоџа, лидерот на Европската демократска партија, која е членка на „Европскиот сојуз“ на ДУИ и на Али Ахмети, од синоќешниот завршен митинг на овој Европски фронт“ одржан на градскиот плоштад во Тетово. Каква порака испратил Хоџа, во присуство на Али Ахмети и лидерите на другите партии-членки на „Европскиот фронт“, појаснуваат следните историски факти: во албанската историографија „Сојузот од Лежа“ од 1444 година се означува како „Сеалбански воено-политички сојуз“ под водство на Скендербег со цел да се обединат сите тогашни албански родови во борбата против Турската Империја, заради создавање една албанска држава. Денес „Сојузот од Лежа“ е синоним на стремежите за обединување на сите Албанци во единствена албанска држава.

Од завршниот митинг на „Европскиот фронт“ во Тетово Аријанит Хоџа испрати и една „сликовита“ порака „до опозицијата заедно со Мицкоски“: дека ним „Европскиот фронт“ „нема да им дозволи да им ги отсечат крилјата на албанските орли“. Хоџа побара од граѓаните да ги поплават избирачките места.

„На 8 мај ќе им пратиме силна порака и ќе им го зададеме завршниот удар. Ќе им покажеме дека не можат да ја спречат волјата на Албанците ниту крескањата на Билал Касами, ниту гласот на жабата од бунарот на Африм Гаши и на другите, кои ги менуваат своите ставови петпати во текот на денот.“ – рече Аријанит Хоџа на завршниот митинг на „Европскиот фронт“ во Тетово.