Фарски Острови ја оправдаа фаворитската улога против Македонија

Со триумфот од 34:27 во првиот натпревар од баражот за Светското првенство, ракометната репрезентација на Фарски Острови ја потврди улогата на фаворит против Македонија според обложувалниците, кои ѝ дадоа најмалку три пати поголеми шанси за победа.

Според покажаното во Торсхавн, избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе имаат исклучително тешка задача на реваншот в недела од 19 часот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје да го задржат континуитето настапи на мундијалите со седмо учество во низа.

Епилогот на првиот меѓусебен дуел воопшто го навестија уште воведните 8 минути, во кои домаќинот поведе со 7:2, гостите намалија на 9:7 и никогаш повеќе не се ни доближија резултатски до противникот.

Фарски Острови во средината на второто полувреме имаа максимални 26:18 и големата предност не ја испуштија до крајот благодарејќи на десетте гола на Скипаготу и по 6 на Тејгум и на Митун, триото на кое се потпира силата на тимот кој во јануари дебитираше на големите натпреварувања, ЕП во Германија, каде што ремизира со Норвешка.

Кузмановски беше најефикасен во поразениот состав со 8 погодоци, три повеќе од Митев и од Костески.