Сериозно општество не треба да си дозволи вакви екскурзии – граѓаните ќе плаќаат поскапи осигурителни полиси

Граѓаните сепак ќе плаќаат поскапи осигурителни полиси. Иако предлогот за враќање на старите цени на осигурувањето при регистрација на возилата помина на Влада минатата недела, до нејзиното официјално објавување во Службен весник, на сила ќе остане новиот тарифник чии цени се од 840 па до речиси 1600 денари повисоки. Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски смета дека пред секое поскапување потребно е да се обезбеди период за прилагодување и кај граѓаните и кај компаниите, а одлуката за зголемување, па намалување на цената ја оцени како избрзана.

  • Доколку некоја одлука е поништена по логика на нештата во тој меѓупериод мора да се најде одредено решение како овие граѓани или институции да се обештетат. Не навлегувам дали е избрзана одлуката за подигнување или за враќање на цените, сметаме дека треба да постои доволно подготвителен период да се најави било која одлука, да се направи припрема, а потоа да се имплементира. Вака ад-хок воведување, ад-хок укинување мислам дека има штетни последици кон сите, рече Трајан Ангеловски претседателот на ССК.

Одлуката за зголемување на цената на задолжителната осигурителна полиса за 15%, осигурителните компании ја донесоа пред десетина дена со образложение дека повеќе од 10 години не е променета, а трошоците им пораснале.

Од 25 април годинава за 15 отсто поскапе осигурувањето за регистрација на товарни возила и коли со моќност над 44 киловати. Но, Владата на 2 мај донесе Одлука со која ги врати старите цени, од пред 25 април. Одлуката беше по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со неа се утврди опсег од 15 до 30 отсто во кој осигурителните друштва можат да го определат делот на премијата за вршење дејност осигурување од автомобилска одговорност. За износ на трошоците над 30 отсто, пак, Одлуката предвидува осигурителните друштва да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.