Денот на победата над фашизмот се одбележува на 9 мај, кога со капитулацијата на нацистичка Германија во 1945, заврши Втората светска војна.

Во Втората светска војна учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50 милиони животи.

Безусловната капитулација на Германија беше потпишана во Берлин од фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, маршалот Георги Жуков во име на СССР и британскиот генерал Артур Тедер во име на западните сојузници. Со ова, формално заврши Втората светска војна во Европа.

Деветти мај се слави и како Ден на Европа, бидејќи на тој ден во 1950 година францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман објави декларација со која повикува на воспоставување нов поредок без конфликти меѓу европските земји.

Следната година беше формирана Европската комисија за јаглен и челик, која потоа прерасна во Европска економска заедница, а во 1991 година во Мастрихт беше прогласена Европската Унија.

Во Милано, во 1955 година, беше одлучено 9 мај да се слави како Ден на Европа.

Безусловната капитулација на Третиот Рајх била потпишана во Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9 мај. Од над 50-те милиони жртви за време на Втората светска војна, 20 милиони беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари. На Далечниот Исток, војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба. Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка. По повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, бројни делегации денеска ќе положат цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата и на партизанските гробишта во Бутел.