Сајкоски: На 8 мај доаѓа уште поголема победа

Ние градевме фабрики, носевме инвестиции, градевме инфраструктура, го подобрувавме образованието, вложувавме во државата, а тие се криминалци, кои ден по големата наша победа ќе мора да одговараат за штетите што ги направија во сите сектори, порача од митингот во Дебар, Ѓорѓија Сајкоски, носител на кандидатската листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во 5. Изборна единица.

Владата на СДСМ и ДУИ, ја обвини, како што рече за неизградбата на автопатот Кичево-Охрид, патот Извор-Бошков Мост, додавајќи дека „потрошија стотици милиони евра наши пари, на народот, украдоа стотици милиони евра, но да знаат дека тие пари ќе ги вратат“.

-Државава на направија најзадолжена држава, во моментот долгот е 65 отсто од БДП. Сите влади во Република Македонија ја задолжија држава со 4,5 милијарди до 2016 година, ова влада за само 7 години ја задолжи државата со 4 милијарди евра. Затоа мора да ги казниме, да ги казниме со пенкало, на 8 мај со масовна излезеност и даден глас за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и за Гордана Силјановска-Давкова за претседател, рече тој.

При тоа ги повика сите жители во поширокиот дебарски регион, Македонци, Албанци, Турци, Роми да се обединат, зашто обединети, како што рече, „можеме да го победиме криминалот, да ја победиме корупцијата и обединети ќе ја градиме државата“.