Нов физички напад врз политичарка во Германија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска повика на решителна акција за справување со нападите врз политичарите во Германија, јави ДПА.

Забелешките на Фон дер Лајен, во говорот пред нејзината централно-десничарска Демохристијанска партија (ЦДУ) во Берлин, доаѓаат по серијата напади врз политичарите.

Вчера во Берлин физички била нападната сенаторката за економија и поранешна градоначалничка, од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Франциска Гифи, трет последователен напад врз владини политичари за само неколку дена, а беа нападнати кандидатот на Зелената партија во Дрезден, како и локалниот лидер на СПД во Берлин.

– Кога зборуваме за закани за нашата демократија, не станува збор само за позиции и за содржина. Тоа е и за луѓе. Ако овие луѓе веќе не се безбедни, тогаш веќе не е безбедна ни нашата демократија – рече Фон дер Лајен.

Таа рече дека сторителите мора „да ја почувствуваат целосната сила на законот“.

– Мораме да ги заштитиме од напади сите оние кои се залагаат за нашето демократско општество и за нашата земја, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, дали приватно, за време на изборните кампањи или при извршување на нивните должности, дење или ноќе – додаде германската политичарка.

Претседателката на Европска комисија истакна дека тоа важи за политичарите на секое ниво, од локалните градски совети до германскиот парламент, како и за Европскиот парламент.