Најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција и историски пораз за владејачката СДСМ. 58 пратеници за партијата на Христијан Мицкоски и 18 за социјалдемократите. Партијата на Димитар Ковачевски падна дури на трето место, под ДУИ која освои 19 пратеници. Како четврто рангирана е коалицијата „Вреди“, која беше вистинска закана за ДУИ и зема голем дел од нивните гласови – па од кај нив ќе влезат 13 претставници во Законодавниот дом. Левица на Апасиев и новоформираната партија на Максим Димитриевски добија по шест места во Собранието. Ова е најголемиот дебакл за социјалдемократите кои пред само четири години, имаа 46 мандати.

Резултатот од борбата помеѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски е 10 спрема 3. Во првата изборна единица, лидерот на СДСМ доби тежок удар од граѓаните – за него гласаа нешто повеќе од 25 илјади граѓани, што е преполовена бројка од 2020 кога СДСМ со Зоран Заев во кецот освоија 54 578.  Мицкоски пак доби 76 192 гласа, 26 000 гласови повеќе од пред четири години. Тесна битка на Европски фронт, Левица и Вреди – сите имаат по двајца народни избраници. ЗНАМ на Димитриевски таму освои еден мандат.

Поразот за Ковачевски беше многу болен и во втората изборна единица каде носител на листата беше Оливер Спасовски. Со освоени два пратенички мандати СДСМ се четврторангирани. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Владо Мисајловски во двојката освоија 8 мандати, Европски фронт четири, Вреди три, ЗНАМ 2 и Левица 1.

Јазот на освоени мандати помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е најдлабок во тројката. Од листата која ја предводи Драган Ковачки во Собранието влегуваат 14 пратеници, а од листата на Сања Лукаревска четворица. Левица и ЗНАМ освоија по еден пратенички мандат.  

Поразот е видлив и во четвртата изборна единица каде од двете најголеми партии се соочија Александар Николоски и Венко Филипче. ВМРО-ДПМНЕ таму освои 13 мандати, коалицијата на СДСМ 5, Левица и ЗНАМ по еден пратеник.

Во петтата изборна единица, и ДУИ се подобри од СДСМ. Со освоени четири пратенички мандати се втора партија, по ВМРО-ДПМНЕ со 10 пратеници. Од листата која ја предводи Јован Митрески во Парламентот влегуваат само тројца народни избраници. Вреди и Левица имаат по еден пратеник.

Во шестата изборна единица, региони главно населени со етнички Албанци тесна беше битката меѓу ДУИ и здружената албанска опозиција. Коалицијата предводена од Ахмети освои 9 мандати, а Вреди 7. И таму ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од СДСМ – резултатот е 3 спрема 1.

Извор: Алфа