Мицкоски: Има многу индиции за криминал, ќе има одговорност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  во „Само интервју“ на Канал 5 истакна дека има многу индиции за криминал и многу докази кои му се доставени, но и сведоштва, потенцирајќи дека ќе има одговорност од сите оние кои го прекршиле законот.

-Имаме многу индиции, сведоштва, посебно помеѓу првиот и вториот изборен круг се случија многу сведоштва од многу луѓе кои носат докази и сме шокирани. Многу од овие случаи за кои јас зборувам ги евидентираа луѓето кои беа дел од техничката влада посебно во министерството за труд и социјална политика и министерството за внатрешни работи бидејќи таму бевме присутни, има нешто помалку во финансии и администрација и земјоделие – соопшти Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека фронтот против криминал и корупција подразбира распуштање на републичкиот судски совет и советот на јавни обвинители.

– Во кампањата ние зборувавме дека создаваме фронт против криминалот и корупцијата и тој фронт подразбира дека ние ќе го распуштиме републичкиот судски совет и советот на јавни обвинители, таа ни е целта. Но не значи тоа дека сега ние треба да предложиме, така беше протолкувано од владините партнери, дека, еве сега ВМРО-ДПМНЕ ќе ги распушти едните за да ги постави своите партиски октруирани судии. Не. Самите тие нека си изберат на непосредни избори – посочи Мицкоски.