Мертенс: Уценувајќи ги Македонците, Бугарија стана крајно непопуларна во Македонија, што го користи Србија

Новинарот на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаел Мертенс, оценува дека најдобриот српски пиар во однос на Македонија е бугарската надворешна политика.

„Српскиот претседател Вучиќ е еден од најпопуларните политичари во Северна Македонија. Србија, српските ТВ-шоуа, српската поп-музика итн. уживаат висока популарност кај многу словенски Македонци. За разлика од Бугарија и сè бугарско. Најдобриот ПР на Србија: Бугарската надворешна политика“, коментира Мертенс на Твитер.

„Со уценување на етничките Македонци за идентитетски прашања, Бугарија успеа да стане крајно непопуларна Македонија, што го користи Србија“, додава познавачот на состојбите на Балканот, кого под твитот го поправа околу терминологијата холандскиот експерт за регионот Ханс ван ден Берг: „Правилниот термин попрво е етнички Македонци отколку Словени или словенски Македонци, но твојата анализа е апсолутно точна: колку стануваше понационалистичка надворешната политика на Бугарија и колку повеќе Македонија се претставуваше како изум на Тито, толку повеќе ги туркаа Македонците кон Белград. Србија го искористи ова“.