Македонскиот амбасадор не се појави на инаугурацијата на Путин

По инструкција од министерот за надворешни работи на Македонија, македонскиот амбасадор во Москва, Ненад Колев, остана во Амбасадата и не отиде на инаугурацијата на Владимир Путин кој на свечена церемонија даде заклетва за својот нов, петти мандат како претседател на Руската Федерација.

„Информираме дека по инструкција на министерот за надворешни работи, амбасадорот на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Ненад Колев, нема да присуствува на инаугурацијата на претседателот на Русија“, велат од МНР.

Со овој чин, а по директна инструкција од македонскиот шеф на дипломатијата, Македонија се придружи на бојкотот на повеќето земји од ЕУ, САД и Канада, кои ја бојкотираат церемонијата поради воената интервенција врз Украина и практично, не ги признаваат резултатите од претседателските избори во Русија на кои огромно мнозинство гласаше за Путин.

Повик за бојкот деновиве со официјален допис и до медиумите упати и Амбасадата на Украина во Скопје.

Како што јавуваат руските медиуми, присутни на церемонијата биле амбасадорите на Србија, Унгарија, претставници од Норвешка, Швајцарија, Турција, Босна и Херцеговина, Кина и други земји.

Заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека биле поканети сите земји кои имаат акредитирано амбасадори, дури, како што рече, „и од непријателските земји, што претставува определена порака“.