Леле луѓе што направивме! – Пишува Роберт Димитриевски

Легендарната изјава на Владо Илиевски, кој со тројката во финишот против домаќинот Литванија ѝ донесе на македонската кошаркарска репрезентација историско полуфинале на Европското првенство во 2011 година, совршено му прилега на епилогот од седмите претседателски и 11. парламентарни избори во Македонија. Македонските граѓани првпат избраа жена за шеф на државата, а Гордана Силјановска-Давкова го оствари третиот најдобар резултат досега. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, пак, му го нанесоа најтешкиот изборен пораз на СДСМ, кој од самонаречена државотворна партија првпат се сведе на трета сила на македонската политичка сцена, зад ДУИ!

Македонија, македонскиот народ и сите припадници на останатите етнички заедници што ја сакаат и ја чувствуваат оваа земја како своја татковина заедно извојуваа историска победа. На изборите кои по многу нешта имаа плебисцитарен карактер им влепија воспитна шлаканица на губитниците што се понадеваа дека со бојкот на изјаснувањето за претседател ќе ја опструираат волјата на народот како по пропаднатиот референдум за името. Им го покажаа патот кон буништето на историјата на сите што помислија дека се од Бога избрани за да ги „јаваат“ и да ги малтретираат сопствените сограѓани и сонародници и со неподнослива леснотија да ги следат редиците на несреќниците пред автобусите и авионите со билет во еден правец.

Македонија им го виде тилот на сите лажни пророци, месии, спасители и останати бесчувствителни узурпатори на функции, кои без око да им трепне си ги зголемија платите за 78 проценти додека народецот собираше пари преку електронски пораки за лечење или за врзување крај со крај. Благодарејќи на с(о)весните македонски граѓани, означен е почетокот на крајот на аздисувањето на одродените и одметнати самонабедени елити кои личниот комодитет го ставија пред интересите на заедницата, на обичните смртници. Во буквална смисла на зборот вистинските Македонци, Албанци и сите останати што сочувствуваат со сите што ги среќаваат катаден, а „не се снашле“ додека некој си ги товарел магарињата без мува да го лази, не само што им покажаа црвен картон, туку нема да се смират додека не ги видат да одговараат.

Маката нема нација или вера, исто како правото и правдата, за кои копнеат илјадници сведоци или жртви на незапаметената корупција што доби ендемски пропорции и безмалку системски димензии во кутрата македонска држава последниве седум години. Последиците од тоа го обединија огромното мнозинство под ова македонско небо и ја отворија вратата за заедничка влада на политичките фактори од двете најголеми етнички заедници подготвени да свртат нов лист и да отворат нови перспективи за развојот на оваа држава и народ.

Македонија е повторно твоја, моја, наша. Македонците и сите останати делови од народи во неа си дојдоа по своето. Им дадоа легитимитет на ВМРО-ДПМНЕ, на „Вреди“ и можеби уште на некој актер во изборната трка да ги поведат кон подобро утре, кон посветла иднина. Истовремено, со огромната поддршка им наметнаа досега најголеми очекувања, најостри критериуми. Тој што ќе ја сочинува новата влада, едноставно, нема да има ни најмало право на грешка. Ветувањата за расчистување со криминалот на претходниците и со лепливите прсти на тие што ќе добијат привилегија да се грижат за ќупот со мед до максимум им го стеснуваат просторот за евентуални изговори или отстапувања од најавената агенда. Македонските граѓани, едноставно, повеќе немаат ни време ни нерви да чекаат бесконечно за подобра иднина. Последен миг е или да ја биде државата, или и последните вечни оптимисти да фатат џенем од тука.

Затоа, памет в глава на новите властодршци. Никој нема два живота. Уште помалку трпение за нови импровизации и трпење некадарници да си играат држава. Било и да не се повтори. Никогаш.