Косовскиот премиер Албин Курти во Берлин изјави дека Косово ќе ги исполни сите услови за да стане членка на Советот на Европа и дека ќе ги легализира истополовите заедници и ќе работи на задоволување на правата и потребите на малцинските етнички заедници, вклучително и на српското малцинство.

Курти во својот говор истакна дека Косово сака да стане членка на НАТО во следните десет години.

„Сакаме да се приклучиме на Европската унија што е можно поскоро. Но, првиот чекор што можеме да го направиме оваа година е да се приклучиме на првиот клуб на европските демократии, создаден пред точно 75 години во Лондон, Советот на Европа“.

Тој додаде дека Косово прво мора да исполни два услови.

„Ние, Владата на Косово, имаме обврска кон Советот на Европа да нагласиме дека ги негуваме и почитуваме заедничките вредности на човековите права врз кои е изграден. Дозволете ми да ви дадам пример.

Косово ќе има за цел наскоро да стане втората земја на Западен Балкан, по нашиот сосед Црна Гора, која на своите граѓани им нуди право на истополови граѓански заедници. Ќе работиме напорно за да го поминеме ова во блиска иднина. За ова лично ќе изградам парламентарно мнозинство – и ќе апелирам за широка поддршка за ова и од опозициските партии. Одлуката на седница на Владата за ова прашање е веќе донесена“, изјави Курти.

Како што додаде, тоа го прави затоа што е правилно и затоа што знае дека Европскиот суд за човекови права донел пресуди кои го бараат тоа.

„Знаеме дека има земји во Советот на Европа кои долго време ја игнорираат пресудата за ова. Косово ќе биде поинаку“, рече премиерот на Косово.