Костадиновска-Стојчевска: Овие избори се новиот почеток на СДСМ, остануваме сплотени и единствени

Упатувајќи им честитка само на граѓаните и на новите пратеници, но не и на победниците Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори и на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните, министерката за култура во заминување со осврт за изборниот процес.

„Честитки за граѓаните кои достоинствено, во фер и демократска атмосфера, учествуваа во изборниот процес и придонесоа за демократскиот и институционалниот напредок.

Изразувам посебна почит и благодарност кон граѓаните кои гласаа за коалицијата предводена од СДСМ и за нашиот претседател Стево Пендаровски. Со тоа потврдија дека ја препознаа важноста на европската иднина на државата, од која ние, како државотворна партија, нема да се откажеме. Напротив, гласовите кои ги добивме се обврска и мотивација да продолжиме напред и продолжиме да го следиме националниот интерес.

Чест ми беше што на овие избори имав привилегија да бидам дел од политичкиот концепт за напредна, современа и просперитетна држава, заедно со претседателот Стево Пендаровски. Остануваме доследни на социјадемократските вредности и во заложбите за демократска и слободна држава, членка на Европската Унија.

СДСМ и на овие избори покажа институционален капацитет, ја потврдивме нашата посветеност за организирање на мирни, фер и демократски избори. Се покажаа како невистини тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот, за кои одамна е јасно и потврдено дека лагите и дезинформациите се неизоставен дел од нивното практикување политика.

Овие избори се новиот почеток на СДСМ. Остануваме сплотени и единствени во намерата да останеме сериозен и важен политички субјект и фактор во македонското Собрание. Изборниот резултат е одговорност на сите функционери, на сите нивоа.

Затоа ни претстои процес на консолидација и внатрешни промени неопходни за понатамошното делување.

Остануваме исправени пред граѓаните и пред заедничките предизвици. Ние никогаш нема да ги изневериме во битката за подобар и посреќен живот.

Честитам на сите пратеници кои освоија мандати во идниот состав на македонското Собрание и верувам дека законодавниот дом ќе продолжи да функционира согласно демократските вредности и ќе ги остварува интересите на граѓаните“, напиша на Фејсбук министерката од СДСМ.