Димитриеска Кочоска: Состојбата во економијата што ќе ја наследиме е многу тешка

„Буџетот е далеку од добар и состојбата која ќе ја наследиме е многу тешка. Во изминатиот период некаде почетокот на јануари економскиот тим работеше многу интензивно на проекции кои ги правеше до 2028 година бидејќи програмата ни е многу внимателно работена врз точни податоци и сериозни проекции кои се претставени“, истакна потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска во гостување на телевизија Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“.

Таа истакна дека 1198 проекти не сите бараат финансиски средства , туку во нив има и кратење на финансиски средства.

„Тие 1198 проекти не сите тие бараат финансиски средства, туку значат и кратење на финансиски средства. Во проектите имаме намалување на бројот на пратеници, управни и надзорни одбори, заменици директори итн., ќе направиме централизирање на клиничкиот каде економските директори понатаму нема да ги има. Секаде каде што сметаме дека непотребно се „функционери“ сето тоа ние се потрудивме на некој начин да го избришеме и тргнеме настрана. Дел од институциите ќе ги поврземе во една за да скратиме максимално од трошоците колку можеме“, децидна е Димитриеска Кочоска.

Таа вели дека секоја една мерка е внимателно срочена со кос бенефит анализа. Таа додаде дека ќе создадат фер услови во бизнис секторот затоа што тој е моторот на државата.