Девет години од „Диво насеље“, каде загинаа 8 полицајци – недокажани обвинувања дека „Ахмети и Груби ја предале“ терористичката група

Денеска се навршуваат девет години од терористичката акција, што се случи во кумановско Диво насеље во 2015 година, во која загинаа осум припадници на полицијата на Република Македонија, каде што по терористичкиот акт тогашниот опозициски лидер Зоран Заев си правеше селфи-фотографија. Низа албански медиуми во годините потоа директно ги обвинија Али Ахмети со „неговата пропадната партија ДУИ“, Артан Груби и Садула Дураку, самопрогласениот „Командант Вентили“ на УЧК во 2001 година, дека, наводно, тие се „предавниците на албанската вооружена група, која влезе во Куманово“ и оти, наводно, „Ахмети, Груби и Дураку им ја поставиле стапицата, во која овие упаднале“. Но, не е познато дали овие обвинувања досега се поткрепени со соодветни аргументи и докази. Терористичкиот акт и вооружената престрелка во Куманово се случи на 9 и 10 мај 2015 година во период кога СДСМ како тогашна опозиција водеше политичка битка за соборување на владата на Никола Груевски. Настаните се случија во време на сериозна политичка криза во Македонија и кога од 5 мај започнаа противвладини протести.

Полициската акција по лоцирањето на терористичката група започна рано утрината на 9 мај и траеше речиси без прекин 28 часа, до 10 часот во неделата на 10 мај. Македонските специјални сили целосно ги неутрализираа припадниците на терористичката група, од која дел им се предаде на македонските власти уште вечерта на 9 мај. Како што тогаш информираа медиумите во првичните разговори со лицата, кои претходно се предале на полицијата, било посочено дека цели на групата биле напади на државни и цивилни цели, кои би започнале со спроведување од средината на мај.

Меѓу другите членови во терористичката група биле: Мухамед Красниќи така наречен  „Малишева“, Мирсад Ндрецај така наречен „Командант НАТО“, Сами Укшини, така наречен „Командант Соколи“, Бег Ризај алијас „Командант Бегу“, и Дем Шеху, алијас препознати Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху, а меѓу убиените Мирсад Ндрецај и Бег Ризај. Триесетина членови на терористичката група безусловно ѝ се предале на полицијата, кои главно биле македонски државјани и еден албански државјанин, меѓу кои биле и тројца од лидерите – Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Дем Шеху.

Во оваа акција загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили, а 37 биле повредени во престрелките низ густо населениот дел на приградската населба во Куманово. Во оваа акција против терористичката група загинаа осумтемина македонски припадници на специјалните единици: Жарко Кузмановски (1981), од с. Брвеница, Тетовско; Ненад Серафимовски (1987), од с. Зубовце, Гостиварско; Сашо Самојловски (1982), од с. Брвеница, Тетовско; Бобан Ивановиќ (1968) од с. Стајковци, Скопско; Горан Илиевски (1974) од Гостивар; Исамедин Османи (1983), од с. Студеничани, Скопје; Љубиша Аранѓеловиќ (1966) од Скопје и Горан Стојменовиќ (1970) од Миладиновци, Скопје.

По завршената акција, освен тие што се предале, пронајдени се 14 мртви тела во униформи. Немаше цивилни жртви, иако престрелките беа во густо населен дел од кумановската населба. Јавното обвинителство на Република Македонија покрена постапка за приведените во акцијата, откако МВР поднело кривична пријава за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Од 37 обвинети за тероризам и терористичка група, 33-ца беа осудени, а за четири лица беше донесена ослободителна пресуда. За седуммина беше изречена казна од доживотен затвор. Веднаш по овие крвави настани кумановската населба ја посети тогашниот опозициски лидер Зоран Заев, каде што се фотографираше со тамошните жители. Владата на Косово додели 219 илјади евра парична помош за семејствата на осудените во случајот, заради, како што е наведено, „семејствата на осудените да ги покријат трошоците во судската постапка“.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети уште тогаш беше нападнат жестоко од неговите сонародници дека, наводно, „тој ги предал членовите на оружената албанска група“ и оти „тој е виновен за смртта на убиените меѓу нив“. Не е познато дали овие обвинувања досега се поткрепени со соодветни аргументи и докази. Во повеќе медиуми циркулираа таквите пишувања во врска со наводната поврзаност на Ахмети со случувањата во Диво насеље во мај 2015 година. Во своја статија од 11 октомври 2018 година информативниот портал „Арбреш инфо“ има напишано: „Сè додека Али Ахмети со својата пропадната партија ДУИ не ја напушти политичката сцена, тој само придонесува за кризата на Албанците во Македонија. Неговите предавства кон Албанците во оваа земја се познати. Последното национално предавство беше кога Али Ахмети ги предаде учесниците во 30-часовната битка против македонската војска и полиција во кумановската населба Диво Насеље. Меѓу убиените беше и Бег Ризај, кој му беше телохранител на Али Ахмети во 2008 година и кој му имаше помогнато да победи на изборите.“

„Лидерот на ДУИ Ахмети призна дека имал средби со албанската вооружена група, која учествуваше во престрелката во Куманово само две недели пред да се случи тој оружен судир. Тој рече дека се сретнал со таа група и оти му ветиле дека нема да преземат ништо такво. Ахмети зборуваше и за тоа како комуницирал со вооружената група. ‘Јас не побарав да се предадат. Само сакав да им ги спасам животите на тие луѓе, бидејќи тие ја бараа мојата помош.’ – имаше речено Ахмети.“

„Но, Осман Ндрецај, таткото на Мирсад Ндрецај, во една документарна емисија на ТВ Шења се огласи со обвинување директно упатено кон Али Ахмети: „Тој ги предаде нашите синови. Ова беше големо предавство од Али Ахмети и другите политичари и лидери.’ – кажа тогаш Осман Ндрецај.“

„Бесник Укшини, братот на Сами Укшини-‘Командант Соколи’, кој живее во Њујорк, во писмо испратено до македонските медиуми, ги обвини Али Ахмети, Садула Дураку-‘Командант Вентили’ и Артан Груби дека се предавници на албанската оружена група. Покрај другото, во своето писмо до медиумите Бесник Укшини напиша: ‘Дали е случајно совпаѓање тоа што истиот ден кога тргна Али Ахмети за Приштина тој ден и Групата на Бег Ризај и на Мирсад Ндрецај влезе во Куманово? Главните протагонисти на стапицата, која им беше поставена во Куманово на албанската вооружена група беа и Артан Груби и Садула Дураку.“

Извори: „Википедија“ и „Арбреш.инфо“