Бугарски европратеник: Во Македонија Бугарите се исмевани и омаловажувани

Дебатата во Европскиот парламент за Предлог-регулативата за раст на Западен Балкан бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја искористи за обвинувања на сметка на Македонија и Србија за наводно непочитување на правата на Бугарите во двете земји.

„Во Македонија не можете да добиете работа ако отворено го искажете својот бугарски идентитет. Тоа е реалноста. Ако дознаат за тоа ќе најдат причина да ве отпуштат, ќе ви го малтретираат семејството и ќе сте предмет на навреди и потсмев. Тоа е неприфатливо и не може да има членство во ЕУ се додека постои таа дискриминација, рече Ковачев, додавајќи дека овие наводи за притисоци врз Бугарите биле наведени и во најновиот Извештај за човековите права на Стејт департментот, пренесе МИА.

Според него, и во Србија имало системско и зачестено кршење на правата и ширење омраза кон бугарското малцинство во медиумите, во научните кругови и од одредени политичари.

„Србија и Македонија не треба да се проценуваат само по она што го говорат, туку и по она што го прават. Не само по искористувањето на европските средства кои ги сакаат, туку и во почитувањето на европските вредности“, додаде Ковачев.

Гласањето за усвојување на Предлог-регулативата за создавање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан е на дневниот ред на утрешното продолжение на сесијата на Европскиот парламент.