Битиќи поднесе оставка на функцијата потпретседател на СДСМ и бара да го стори тоа целото раководство, „од првиот до последниот“!

„По поразот на денешните парламентарни и претседателски избори Фатмир Битиќи поднесе оставка на позицијата потпретседател  на СДСМ. Се очекуваат и други оставки во наредните денови.“ – објави ТВ Клан Македонија. пренесувајќи ја објавата на Битиќи на фејсбук.

Во својата објава, покрај другото, Фатмир Битиќи напиша: Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, посветен на етичките и демократските вредности, решив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка ќе биде целосно ефективна кога тоа ќе го сторат и останатите мои другари, кои го сочинуваат раководството на партијата – од првиот до последниот.

Во текот на мојата политичка кариера барав лична одговорност од сите партии – и овој чин е токму тоа. Оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата кај граѓаните и отворање на патот кон идниот политички успех. Оставката не е политички чин на губење на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ. Прифаќањето на политичката одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност за промена и растеж, но и за да му се даде приоритет на колективниот интерес над личните амбиции.

Повторно да се вратиме кај граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби. Само така можеме да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергии, кои можат да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ, за да можеме да се вратиме со глава високо на политичката арена и да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување што го дадовме на граѓаните, кое им должиме да го исполниме. Ова нека биде нов почеток, кој ќе ги обедини сите искрени другари во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за општество за сите каде владее правдата, солидарноста и еднаквоста. .