„ЗНАМ“ најавува свој кандидат за претседател на државата

„Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, предводена од актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, на изборите ќе излезе со свои кандидатски листи за пратеници во сите шест изборни единици, како и со свој кандидат за претседател на државата.

Според Димитриевски, „ЗНАМ“  ќе биде позиционирано во центарот,а во делот на социјалните политики партијата ќе се движи кон лево, бидејќи како што беше посочено, Македонија е социјална држава, со социјално општество, каде оние кои што имаат повеќе треба да издвојат повеќе, за да може да се избалансира односот во социјалните средини.

Во текот на следната недела очекуваат Централен регистар да им го издаде решението, со кое политичкиот субјект формално-правно ќе добие дозвола за вршење на дејност.

Првиот конгрес партијата ќе го одржи на крајот на февруари, најдоцна до првата недела од месец март, каде официјално ќе бидат промовирани кандидатските листи за пратеници за шесте изборни единици, како и кандидатот за претседател на државата.