Заев попусто преговара, Иванов има адут против ерга омнес за името

Претседателот Ѓорге Иванов, кој се противи на решение за името по принципот ерга омнес, има механизми со кои може да го спречи планот на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас земјава да добие нова географска одредница, уставни промени и употреба на новото име и внатре и надвор.

Иванов може да не го потпише указот за ратификација на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција, кој како што најави и премиерот Зоран Заев би се гласал во Собранието со мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Со тоа, Иванов како што направи и со Законот за јазиците ќе ја блокира целата процедура договорена меѓу Димитров и Коѕијас.

„Иако целата ситуација упатува на тоа дека не би требало претседателот да не го потпише указот за евентуалниот договор со Грција ако за него гласале мнозинството пратеници, тој може тоа да го стори без разлика колку е издржано или оправдано“, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, за Слободна Европа на македонски јазик.

Една од причините зошто Иванов по средбата на која Заев ја прифати Илинденска Македонија бараше писмени документи е токму планот врз основа на нив да направи анализа за противуставно и противзаконско поведение и да го спречи планот за ерга омнес употреба на името.