Во желбата за „чист“ македонски јазик политичарите го згрешија чистиот македонски јазик

Спогодбите за соработка и за транспорт од 1996 година, Времената спогодба за трговија и трговски прашања од 2001 година, како и Рамковната спогодба за правилата за соработка во врска со финансиската помош од ИПА-програмата од 2007 година, се дел од мноштвото меѓународни договори и документи што Република Македонија ги потпишала со европските институции на македонски јазик. Прашањето за употребата на јазикот во нив доаѓа откако Владата завчера го потпиша Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.

Нема дилема дека Македонија и досега ги потпишуваше договорите на македонски јазик, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, откако земјава го потпиша Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи.

„Разликата е во именувањето на јазикот. Досега се користеше клаузулата дека договорот е составен на ‘службените јазици на страните’, додека во овој договор таксативно се наведени службените јазици на кои тој е составен и изрично се вели ‘македонски јазик’. Инаку, ова требаше да се случи веднаш по Преспанскиот договор, но тогаш Предлогот на Европската комисија за потпишување статусен договор за Фронтекс од октомври 2018 година го блокира Бугарија. Комисијата поднесе нов предлог во септември 2022 година, откако во Европската Унија беа поднесени декларации за македонскиот јазик, од Бугарија и од Македонија“, вели Ристевска Јорданова.

Таа објаснува дека сите досегашни меѓународни договори што ги потпишуваше Република Македонија се потпишани без фусноти – нешто што власта сега го потенцира како успех дека Договорот со Фронтекс е потпишан на „чист македонски јазик“ без фуснота, односно без никаква забелешка.

„Секако дека немаше фусноти, но не се споменуваше експлицитно ‘македонски јазик’“, вели Ристевска Јорданова.

Желбата за политички поени е причина за погрешна употреба на македонскиот јазик

Одговор на прашањето што значи тоа дека Договорот со ФРОНТЕКС е потпишан на „чист македонски јазик“ без фуснота треба да дадат претставниците на власта, вели Ристевска Јорданова. Таа смета дека во желбата политички да поентираат, од власта целосно погрешно го користат терминот „чист македонски јазик“, термин што вообичаено се употребува за стандардниот македонски јазик, со почитување на правописните правила.

„Претпоставка е дека и досегашните договори биле на ‘чист македонски јазик’, дека биле лекторирани, објавени во Службен весник. Она што веројатно сакаат да го кажат е дека нема фуснота на одредбата за јазикот во текстот на договорот за Фронтекс, како што првобитно бараше Бугарија во нејзината рамковна позиција од 2019 година, во која ги формулира своите барања. Имено, Бугарија првобитно бараше кај ‘македонски јазик’ да има фуснота ‘во согласност со Уставот на Република Северна Македонија’. Но во договорот нема фуснота. Сепак постои декларација за македонскиот јазик како дел од рамковната позиција на Бугарија дека македонскиот е само дијалект на бугарскиот јазик. Дали ова прашање повторно ќе го актуализираат, ќе видиме“, вели Ристевска Јорданова.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски се чуди од каде толкава еуфорија кај првите луѓе од Владата и мисли дека договорот е потпишан на „нивниот ‘чист македонски јазик’, којшто е веројатно различен од стандардниот македонски јазик.

Целиот текст на следниот линк:
https://www.mkd.mk/makedonija/politika/vo-zhelbata-za-chist-makedonski-jazik-politicharite-go-zgreshija-chistiot