Власта остана без гласот на свој пратеник за уставните измени, за него амандманите се неуставни

Владеачката коалиција остана без гласот на свој пратеник за уставните измени со што станува извесно дека СДС, ДУИ и Алијансата за албанците нема да стигнат до потребните 80 пратеници за истите измени.

За пратеникот и лидер на Партијата за движење на турците Енес Ибрахим амандманите се неуставни.

,,Предлог измената и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија односно Амандманот XII што се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците е НЕУСТАВНА”, смета Ибрахим кој важеше за сигурен глас на власта за уставните измени.

Според него неуставен е новиот предлог бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците каде наместо досегашните 19 члена, се планира бројот да се зголеми на 43 при што по 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци, а по еден член ќе имаат сите други заедници.

,,Со овој предлог не се почитува правичната и соодвената застапеност која е загарантирано со Уставот”, порачува Ибрахим образложувајќи зошто нема да гласа за промена на уставот.