Владата не смее да молчи за францускиот предлог, Собранието веднаш да се одважи

Исклучително раното внесување на бугарската заедница во Уставот, што би можело да се искомплицира во текот на преговорите, начинот на кој тоа ќе биде толкувано од страна на Бугарија, како и механизмите што се вградени во тековниот неофицијален „предлог“ на француското претседателство, се дел од клучните ризици во неофицијалниот документ, оценуваат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои денеска го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?“.

– Очигледно е дека се вградува механизам за спроведување на дел од договорот и се говори, она што знаеме значи, за билатерален протокол во којшто немаме увид. Исто така, очигледно е дека имаме многу малку информации во однос на тоа што се говори, за што се дискутира и би било добро македонското општество да биде подобро запознаено со дел од овие документи, рече Кацарска во изјава за медиумите.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски вели дека појдовната позиција во документот којшто го одработија со ЕПИ е дека не сакаме да прифатиме и не треба да прифатиме процес за којшто нема општествено-политички консензус, односно поширока поддршка.

– Во таа смисла нашето општество се уште не е запознаено што се преговара, односно знаејќи само дел од целата приказна за неофицијалниот „француски предлог“, ние, исто така, не знаеме што има во протоколот. Ги повикувам партиите, опозицијата и пред се Собранието да се одважи и во функција на тело каде што е застапен суверенитетот на граѓаните, уште денеска да побара седница на која што ќе се разгледа францускиот предлог, како тој одговара на резолуциите донесени од Собранието, но исто така и да имаат увид во протоколот којшто може многу од работите да промени или да влоши во најлоша ситуација од она што е дефинирано во предлог преговарачката рамка од страна на француското претседателство со ЕУ, рече Трошановски.

Тој нагласи дека она што е многу важно е дека Владата не смее да остане нема, очекувајќи дека земји членки на ЕУ ќе го заштитат нашиот преговарачки процес поради внесување на билатерални спорови, што, според него, е погрешна стратегија.

– Имено, доколку ние самите прифатиме, односно со молкот, одобруваме внесување на билатерални прашања и бугаризација на самиот процес, не верувам дека многу земји членки или воопшто дали која било, ќе се противи на тоа, како што беше претходно случај со Чешка и Словачка, особено во контекст на ургентноста на моментумот и кризата во Украина, при што на ЕУ и е потребен итен успех на Западниот Балкан и неговата перспектива од аспект на европското проширување. Во делот на самиот предлог, голем дел во него е реално штетен. Сметаме дека барем она што може да се спаси е нашата Влада да биде час поскоро што погласна и да побара корекции во неколку аспекти. Првенство тоа е во делот на улогата на Комисијата, како тело коешто треба да врши надзор врз акцискиот план. Ова е преседан којшто досега никогаш не се случил, иако некои велат дека топката се префрла од Софија во Брисел, сепак Софија ќе има значително голем удел во изготвувањето на тие прогрес извештаи, со коишто ЕК ќе треба да кажува дали ние напредуваме или не во спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија, смета Трошановски.

Друг аспект, според него, е во делот на јазикот којшто ни е исклучително важен. При тоа унилатералните декларации, односно изјави од земјите коишто треба да се приклучат на општата изјава на ЕУ, стануваат дел од целиот преговарачки процес. И проблематизирањето коешто евентуално би се вградило во нив, особено од бугарска страна на македонската етнолингвистичка генеза, а очекувано не ни гарантира дека во иднина таа декларација нема да биде злоупотребена во оценување повторно на нашиот прогрес во преговарачкиот процес и јазикот повторно нема да стане еден од условите за напредокот на земјата.