Виц на денот: Реџепи информиран од Османи за евроинтеграцијата на Македонија?!

Пратеникот Кастриот Реџепи, исклучен од Беса во која беше потпретседател по откажувањето од својот потпис на четири списоци за смена на Владата на Зоран Заев, од министерот за надворешни работи Бујар Османи бил информиран за евроинтеграцијата на Македонија.

„Соодветно на моите последни политички одлуки и активности, сакам да информирам дека одлучив да покренам неформална политичка иницијатива во Собранието на Република Северна Македонија – ЕВРОПА 21 – за обединување на прогресивните сили во насока на задржување на евроатланската перспектива на земјава, особено во пресрет на претстојните самити на Европската унија.

Веќе го остварив првиот чекор и по вчерашната средба со премиерот Заев, на моја иницијатива, денес имав продуктивна средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, каде одблиску се запознав со сите процеси од надворешната политика поврзани со европските интеграции на земјава. Како што очекував, добив силна потврда за големиот број активности кои се преземаат и од наша страна, но и од нашите меѓународни пријатели за да се одблокира овој процес, активности во кои целосно верувам и поради тоа ќе го вложам целиот мој политички капацитет.

Сакам да ги повикам сите прогресивни сили, особено апелирам меѓу пратениците во парламентот кои знам дека го делат овој политички став, но во моментов се блокирани од своите политички групации, да ми се придружат и да се обединиме за да може нашиот политички став да добие ефективна реализација“, објави пишман-пратеникот на Фејсбук.