Кира Рудик, украинска пратеничка, утрово во интервју за Скај њуз го коментираше вчерашниот пад на ракета врз село во Полска, при што загинаа две лица.

Таа рече дека без оглед на потеклото на ракетата, руската агресија на крајот е виновна за инцидентот.

„Дури и да беше украинска ракета која требаше да пресретне руски ракети, сепак тоа е резултат на обидот да ги заштитиме нашите животи. Повторувам, најдобриот одговор би бил да и се дадат на Украина борбени авиони, исто како напредните системи за противвоздушна одбрана. Во тој случај, ако беше грешка, не можеше да се повтори. Затоа што сега се случува Украина да се бори за опстанок“, изјави Рудик.

Според неа, нема голем интерес за мировни преговори во Украина поради потенцијалните закани во иднина.

„Луѓето прашуваат зошто не одиме на мировни преговори со Русија. Нема ништо во светот што ќе ја спречи Русија повторно да не нападне. Се бориме сега. Ова го покажува неуспехот на глобалните безбедносни системи и покажува дека треба да изградиме нов безбедносен систем кој ќе биде поефикасен против тираните“, рече Рудик.