Трошановски: „Парламентот треба да го разгледа францускиот предлог, колку одговара на резолуциите, што ги донел“

„Скопје останува на ставот дека билатералните прашања треба билатерално да се решаваат и дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека во однос на билатералните прашања нема да се дозволи да има посебно поглавје, а историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред.“ – изнесува весникот „Нова Македонија“ во својата редакциска анализа со наслов „Скопје останува на ставот билатералните прашања да се решаваат билатерално – Радев ја повика Владата да се произнесе за францускиот предлог“.

„Нова Македонија“ пишува: „Експертската јавност смета дека со францускиот предлог се оди под нашите позиции и црвени линии, и се внесуваат билатералните прашања во преговарачката рамка и вели дека Владата не смее да остане нема очекувајќи дека земјите членки на ЕУ ќе го заштитат нашиот преговарачки процес, поради внесување на билатерални спорови, што, за експертите, е погрешна стратегија.“

„Во Софија претседателот Румен Радев побара бугарската Влада да се произнесе со став за предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на с.Македонија. Премиерот Кирил Петков во саботата рече дека на Самитот на ЕУ во Брисел неделава ‘нема да оди со став на Владата во однос на ‘францускиот предлог, туку со одлука на Народното собрание на Бугарија’.“

„Не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност со несогледливи последици, сметаат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои го претставија документот ‘Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?’. Тие наведуваат дека за ‘македонските црвени линии’ е недозволиво внесување механизам за следење, или спроведување на Договорот со Бугарија во преговорите со ЕУ преку Преговарачката рамка.“

„Според нив, Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања и дека македонскиот јазик треба да е без какви и да е додавки. Оттаму наведуваат дека не смее да се прифати менување на Уставот како услов за почеток и тек на преговорите, а бугарската страна треба јасно да го признае македонскиот идентитет. Дел од ‘црвените линии’ треба да е и оневозможување на злоупотреба на историското минато за етнополитички цели. Како последна ‘црвена линија’ тие ја наведуваат работата на Историската комисија, која, според нив, треба да е ослободена од диктат и без ограничување со рокови.“

„Претседателот на ИДСЦС Марко Трошановски вели дека појдовната позиција во документот, што го одработиле со ЕПИ е дека не треба да прифатиме процес, за којшто нема општествено-политички консензус, односно поширока поддршка. Во таа смисла нашето општество се уште не е запознаено што се преговара. Ги повикувам партиите, опозицијата и пред се Собранието уште денеска да побара седница, на која што ќе се разгледа францускиот предлог, како тој одговара на резолуциите донесени од Собранието.’ – рече Трошановски.“

„Софиски ‘Стандард’ објави дека, ако Софија даде позитивен одговор за предлозите на француското претседателство за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, се очекува Советот за општи работи на ЕУ да ги одобри преговарачките рамки и придружните документи за Скопје и Тирана, а на Самитот за Западен Балкан в четврток да бидат одредени датумите за почеток на преговорите.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/featured/skopje-ostanuva-na-stavot-bilateralnite-prashanja-da-se-reshavaat-bilateralno-radev-ja-povika-vladata-da-se-proiznese-za-francuskiot-predlog/