Претседателот на Европски парламент, Антонио Тајани, нема да ја поддржи заедничката кандидатура на македонскиот премиер Зоран Заев и на неговиот грчки колега Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир, пишува атинскиот весник „Ефимерида“.

„Нема да потпишам кандидатура за Нобелова награда за мир за премиер во предвечерие на избори“, изјави Тајани, мислејќи на Ципрас, кого годинава го очекуваат парламентарни избори.

Потегот на Италијанецот се објаснува и со идеолошки причини – тој е заменик претседател на Европска народна партија (ЕПП), групација на десничарски партии во Европски парламент, а Заев и Ципрас се лидери на левоориентирани партии.

Кандидатурата на шефовите на владите на Македонија и на Грција
за Нобелова награда за мир поради Преспански договор досега ја поддржаа претседателите на социјалдемократите во ЕП, Удо Булман, и на левицата Гиби Цимер.