Свирчиња и труби: Освежената меморија на Русковска Вилма

Дали свирчиња и труби се докази за тероризам и зошто Русковска дури вчера “се сети” на прастарите пораки од телефонот на екс министерката Канческа – Милеска?

Овие прашања се дел од „мистеријата“ на вчера презентираните дополнителни докази од страна на Вилма Рускоска на рочиштето за т.н. организатори на настаните на 27-ми април.

„Ми требаат свирчиња и труби. Многу ми требаат, за Јаков и другарите“. Вакви пораки од Канческа-Милевска кон Јанакиевски беа изведувани како докази на рочиштето, покрај пораките во кои си пишуваат за поддршката која на протестите ја давале естрадни ѕвезди.

Ако според Рускоска овие пораки се релевантни за докажување тероризам на 27-ми април, иако немаат никаква врска со настаните и се пишувани месеци пред упадот во Собранието, се поставува прашањето зошто поранешната министерка не е опфатена со случајот? Ова се само две од многуте ситуации на работ на апсурдот кои го следат овој случај од самите почетоци, па се до денешното „финале“.

СМС пораките извлечени од телефонот на Канческа-Милевска од страна на нелиценциран вештак Рускоска ги знаела од 2018-та година, но не ги употребила во ниту еден од двата случаи кои ги водела за 27-ми април, вклучително и последниот за т.н. организатори.

Но, сепак шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал на денешното последно рочиште за презентирање докази се одлучи на овој потег, кој оние кои го следат процесот го квалификуваат и како очајнички. Зошто? Затоа што во овие пораки дискутантите зборуваат за тоа кои естрадни уметници и и ѕвезди дале поддршка на протестите на Заедничка Македонија, кои лица би било добро да дадат таква поддршка и дали некој од нив има лични релации со некои уметници кои би сакале да дадат поддршка. Се разбира, и за потребата од свирчиња и труби за синот на министерката и неговите другари.

Нема ниту збор за 27-ми април, рушење на уставен поредок, организирање комитети за да дојдат на протести со платен превоз и низа други нелогичности кои Рускоска ги наведе во обвинението пишувано „по нотите испеани” од дежурниот сведок на обвинителите во Македонија, Александар Василевски Нинџа.

Конечно, ако Рускоска гледа терористички заговор во пораките дека поддршка на Заедничка Македонија дал Бајага, а добро е тоа ако го стори и Блага Петреска, во најмала рака треба да одговори зошто само еден од соговорниците е опфатен во случајот, а не и екс-министерката. Потоа, дали и Бајага и Блага Петреска се дел од терористичкиот заговор кој го гледаат Рускоска и Нинџа? И конечно, дали можеби за својата безбедност треба да стравува и Дино Мерлин, кој исто така даде поддршка на протестите?

Или сите граѓани кои имале свирчиња и труби исто така треба да бидат лишени од слобода, бидејќи во оваа чудна македонска реалност во која бегството не е бегство, иновативните тендери носат ослободување од притвор и „тази Вице не е Вице“, може да се случи и барање за свирчиња и труби да биде акт на тероризам…

(ПРОДОЛЖУВА)

За другите нелогичности од овој случај во следниот текст

Нови моменти: 27 април го “спасуваат” Бајага и Петревска Блага