Сведоштва против бугарската пропаганда: Бунева никогаш не прозборе на бугарски! Им се восхитуваше на македонските револуционери!

„ Кај нас дома не се зборуваше на бугарски јазик! Не паметам тетка ми Мара Бунева да ми прозборила бугарски збор! Кога ќе работела низ куќата во Тетово таа секогаш пеела песни за Гоце Делчев, за Јане Сандански и плачела. Им се восхитувала на македонските револуционери. Се раскажуваше и тоа откако го извршила атентатот, кога лекарот од Белград ја прашал зошто го убила Прелиќ, му одговорила – за Македонија!“ – има изјавено Анче Герасимовска, внука на Мара Бунева од нејзината сестра Ленка, во интервјуто, кое е направено со неа и кое е објавено во 2007 година во „Утрински весник“.

„Страшно сум револтирана, поради многуте невистини, што деновиве се изговорени и напишани за Мара, чиј подвиг и по осумдесетина години предизвикува расправии и делби меѓу Македонците.“ – кажа Анче Герасимовска во даденото интервју. „Не е вистина тоа дека во нашето семејство се говорело бугарски, како што тврдат некои. Мојата баба никогаш не сум ја слушнала да каже ниту еден збор бугарски. Многу добро се сеќавам на неа. Мајка ми од Скопје ќе ме испратеше за Тетово со малиот воз и кај неа ќе останев цело лето. Не паметам да ми прозборила бугарски збор.“- раскажа Анче Герасимовска, внуката на Мара Бунева. (преземено од „Утрински весник“, 11 март 2007 година).

Ова интервју со искажувањата на Анче Герасимовска е изворно, автентично и непобитно сведоштво, кое ги фрла во вода сите лаги на дрската антимакедонска пропаганда на официјална Софија денес и среде главниот град на македонската држава. Неколку стотини „Бугари“ опатуваа денеска во Скопје и се собраа во центарот на градот, за да ѝ оддадат панихида на тетовката Марија Бунева, која пред 86 години загина при атентат врз српскиот обвинител Велимир Прелиќ. Во присуство на огромен број полицајци панихидата започна околу 12.30 часот во црквата Свети Димитрија. Приврзаниците на Бунева палеа свеќи и се молеа во нејзин помен. Додека траеше церемонијата во чест на Бунева, од другата страна на реката беше поставен транспарент наменет кон насобраните Бугари, а на кој пишуваше: „Своја историја немате, туѓи херои славите“. На ова „Бугарите“ иронично се смееја и коментираа дека „фиромците забегале со паметот“.

„Бугарите дојдени од Бугарија“ започнаа кавга со некои од присутните, кои не дозволија бугарско знаме да се внесе во црквата. Кавги, расправии, викање и закани по живот се случуваа пред црквата Свети Димитрија откако неколкумината не успеаја да влезат во црквата и да запалат свеќи. „Дојдени сме од цела Бугарија. За нас Мара Бунева е симбол на национален херој, симбол на борбата против српскиот окупатор во Македонија. Ние сме еден народ.“ – тврдеа некои од дојдените, кои се претставуваа како „Бугари од Бугарија’. За малку беше избегната тепачка. Инцидентот заврши со меѓусебни пцости и закани. По панихидата групата со засилено полициско обезбедување се упати кон кејот на Вардар, каде што ја постави новата спомен – плоча во чест и сеќавање на Мара Бунева. По ова насобраните се разотидоа. Во врска со денешната антимакедонска провокација новинарските екипи од Бугарија јавуваа дека поменот за Мара Бунева се одржал во „бугарската црква Свети Димитрија во Скопје“.

Мара Бунева го уби Прелиќ во 1927 година, а потоа се самоуби. Иако е родена Македонка од Тетово, денеска таа за Бугарите е синоним за „национална гордост и херојство“ и секоја година се собираат во Скопје, за да и „оддадат почит“. Пред неколку години тие поставија и спомен – плоча на кејот на реката Вардар, но таа беше кршена. При секое поставување спомен – обележје тоа уште утредента го снемуваше.