Стрелецот против Гибралтар, Миовски, на радарот на Абердин

Шкотскиот фудбалски премиерлигаш Абердин е заинтересиран за македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, кој го постигна својот првенец за националниот тим во победата над Гибралтар во Лигата на нациите завчера, објави „Прес енд џорнал“.

Тренерот Џим Гудвин сака да го засили нападот со играчот на унгарски МТК, кој за десет дена ќе наполни 23 години, повторно спојувајќи го штипјанецот со досегашниот соиграч Илбер Рамадани, кој во почетокот од месецов го засили тимот што се спаси од испаѓање во Шкотска.

Токму настапите на Миовски за МТК, за кој сезонава даде девет гола на 29 натпревари, иако екипата не избори опстанок во унгарската елита, го привлекоа вниманието на Абердин, а впечатокот го дополнија и настапите за Македонија, вкупно десет досега. Меѓу нив и влегувањето во игра како резерва во баражот за Светското првенство во Катар против Италија и со Португалија.

Покрај Абердин, Миовски е на радарот и на клубови од Белгија, Швајцарија, Полска, Русија и Унгарија, а во јануари сакаше да го доведе Спарта Прага, но тој има договор со МТК до јуни 2023 година.