Стејт департментот одобри продажба на оклопни возила „страјкер“ на Македонија за 210 милиони долари

Американскиот Стејт департмент одобри продажба на оклопни возила на тркала „страјкер“ и дополнителна опрема за Армијата на Република Македонија, за која Владата во Скопје ќе плати 210 милиони долари.

Агенцијата за одбранбена соработка даде зелено светло за реализација на зделката и за тоа го извести Конгресот, кој ќе донесе конечна одлука и ќе даде дозвола за продажбата.

Македонија од САД побара 54 оклопни борбени возила на тркала „страјкер“ во три верзии – М1126 за превоз на пешадија, командно возило М1130 и возило со монтиран минофрлач М1129.

Со овие возила е предвидена набавка и на дополнителна опрема: митралези со калибар 12,7 милиметри, фрлачи на чадни кутии М6, радио уреди, далечински управливи борбени станици, ГПС-приемници, термовизија за возачите, резервни делови, алат, опрема за испитување, публикации и технички прирачници. Владата на САД исто така ќе обезбеди и техничка и логистичка поддршка за одржување на возилата во оперативна употреба.

Американски претставници треба да допатуваат во Македонија за да се запознаат со логистичките можности за прием на возилата и за избор за тимовите за обука, што би требало да биде направено во наредните 12 месеци.