Според Евростат, во 2019 година само 101 Македонец добил бугарски пасош?!

Само неколку дена откога бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов се пофали дека дури 120 илјади македонски државјани веќе имаат и бугарски пасош, стигна индиректен демант од Евростат.

Според најновите податоци на статистичката агенција на Европската унија, објавени на 15 март, во 2019 година само 101 државјанин на Македонија се стекнал и со државјанство на Бугарија.

Огромен расчекор меѓу податоците на Евростат и на официјална Софија е регистриран и во 2016 година, кога, според агенцијата на ЕУ со седиште во Луксембург, бугарски пасош добиле само 142 државјани на Македонија.

Со таква динамика ни теоретски не е можна бројката што ја извади лидерот на ВМРО-БНД. Или Евростат нема веродостојни податоци, или некој не ѝ пријавува точна статистика?!

Во 2019 година, според Евростат, Бугарија издала 736 државјанства на странци, а најбројни се Турците со 204. Пред Македонците се и државјаните на Украина со 123, а веднаш зад нив тие на Русија со 92, на Србија со 71 итн.

Од вкупно 7.147 македонски граѓани што предминатата година добиле пасош на земја-членка на ЕУ, дури 4.966 станале државјани и на Италија. Втора на оваа листа е Германија со 850, трета Австрија со 313, следуваат Шведска со 206, Белгија со 199, Словенија со 192, Хрватска со 93, Франција со 80 итн.

Од европските земји што не се членки на ЕУ, во 2019 година на македонски државјани најмногу пасоши им издала Швајцарија – вкупно 1.732.