Руското гледиште за украинската криза станува сè попопуларно меѓу Германците, пишува германскиот лист „Шпигел“, повикувајќи се на истражување на Центарот за следење, анализа и стратегија.

Како што е прецизирано, 40 отсто од анкетираните целосно или делумно се согласуваат со констатацијата дека „специјалната воена операција“ е реакција на Русија на бројните провокации на НАТО. Тоа е за 11 отсто повеќе од април, пишува листот.

Се напомнува дека речиси двојно се зголемил бројот на оние кои веруваат оти е неопходна промена на власта во Украина.

Според истражувањето, 44 проценти од Германците се целосно или делумно убедени дека рускиот претседател Владимир Путин се спротивставува на т.н. глобална елита „која ги влече конците од втор план“. Во април, непосредно по почетокот на војната против Украина, 12 отсто помалку се согласуваа со тоа.

Руската „вистина“ за нападот врз Украина е речиси двојно поприфатена во источниот отколку во западниот дел на Германија. Речиси секој трет испитаник во Источна Германија е целосно убеден во изјавите кои ја оправдуваат руската агресија со провокациите од НАТО. Целосно или делумно се согласиле 59 отсто. Во Западна Германија, целосната согласност е само половина од тој процент, односно целосно или делумно се согласиле 35 отсто од анкетираните.

„Петтина од испитаниците целосно се согласуваат со фактот дека Украина не може да има територијални претензии кон Русија, бидејќи таа ‘всушност била нејзин дел’“, се наведува уште во написот на „Шпигел“.

Анкетата е спроведена од 3 до 11 октомври и во неа учествувале над 2.200 луѓе на возраст од 18 до 90 години.