Претседателот Стево Пендаровски, сè уште нема донесено одлука дали да го потпише Указот од Законот со кој се овозможува легализација на актуелните и новите дивоградби, како и амнестија на оние кои сториле кривично дело бесправно градење. Од Кабинетот на Пендаровски за Алсат велат:

„Претседателот Стево Пендаровски го разгледува текстот на законот по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста“, наведоа од Кабинетот на Пендаровски.

Барање за Пендаровски да не го потпише указот покрај петтемина пратеници од владејачката коалиција, испратија и еколошките невладини организации „О2“, „Еко-свест“, институтите за демократија, за комуникациски студии, Зелениот институт и други организации. Тие аргументираат дека законското решение е контроверзно и против животната средина, а со него се штитат кримналите и се демотивираат чесните граѓани.

Антикорупциската комисија најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на законските одредби. Законот инаку овозможува да се легализираат актуелни и нови дивоградби изградени дури и во национални паркови. Законот во вторникот го поддржаа и пратеници од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ. Мнозинството му прифати на ВМРО еден амандман со кој се дава и амнестија за оние кои кривично се гонат поради изгредени дивоградби. Еден од нив е и поранешниот градоначалник на скопски Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.