Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон е на тешки маки откако од вчера еруптираше скандалот кој предизвика двајцата негови министри Савид Џавид за здравство и Риши Сунак за финансии да дадат оставки, а по нивните стапки денеска тргнаа уште двајца други министри. Министрите рекоа дека „повеќе не можат да ја толерираат културата на скандали“.
Првите двајца министри поднесоа оставка по неколкудневните објаснувања од канцеларијата на Џонсон во Даунинг стрит за секс скандал во кој е вклучен негов близок сојузник. Се работи за Крис Пинчер кој ја имаше улогата на главен камшик во партијата, а Џонсон не обзирајќи се на предупредувањата го унапреди. Пинчер беше обвинет дека пијан допирал двајца мажи, а Џонсон тоа иако го знаел го донел во владата.
Лидерот на лабуристите, Кир Стармер рече дека е „јасно дека оваа влада сега се распаѓа“. Лидерот на опозицијата оцени дека секој што останува министер во владата на Џонсон исто така ќе биде извалкан со скандалот.
Џонсон потврди дека прашањето за сексуално недолично однесување било покренато кога Пинчер бил помлад соработник во Министерството за надворешни работи и дека бил информиран за наводите. „Работата беше решена. Апсолутно е точно дека беше покрената со мене. Многу жалам што тој (Пинчер) продолжи да ја извршува функцијата и тоа го кажав и претходно“.
Говорејќи во Домот на Парламентот набргу потоа, поранешниот министер Џавид – кој веќе еднаш поднесе оставка пред Џонсон како премиер – рече дека се чувствува принуден да поднесе оставка, и покрај тоа што е „тимски играч“.
„Одењето по линијата помеѓу лојалноста и интегритетот стана невозможно во последниве месеци. Никогаш нема да ризикувам да го изгубам мојот интегритет. Исто така верувам дека тимот е добар ако капитенот на тимот е добар како неговиот тим. Значи, лојалноста мора да оди во двата правци. Настаните во последните месеци отежнуваат да се биде во тој тим“, рече Џавид.
Двајцата министри поднесоа оставки неколку минути откако Џонсон се појави на телевизија за да се извини што го назначил Пинчер и покрај тоа што знаел за обвинувањата против него.
Сепак, кабинетот на премиерот најпрвин соопшти дека не знае за какви било поплаки против Пинчер, но подоцна ова го промени во „конкретни жалби“. Даунинг стрит тогаш рече дека не знаел за „сериозни конкретни наводи“ и дека не знаел дека обвиненијата биле потврдени.
Ова тврдење беше побиено од главниот државен службеник во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство од 2015 до 2020 година, кој рече дека жалбите против Пинчер биле прифатени. Тој притоа рече дека канцеларијата на премиерот Џонсон лажела дека не знаела за тоа.
Уште двајца британски министри денеска поднесоа оставки, со што се зголемува притисокот врз премиерот Борис Џонсон, по вчерашните оставки на министерот за финансии и за здравство.
Оставка денеска поднесе министерот за деца и семејства, Вил Куинс, кој истакна дека „нема друг избор, освен да си поднесе оставка“, како и министерката за транспорт Лора Трот, која наведе оти се одлучила на таков чекор бидејќи ја загубила довербата во Владата
Во меѓувреме, пратениците на Конзервативната партија Крис Скидмор и Том Хант поднесоа барање за гласање доверба на премиерот, интензивирајќи ги повиците за негова оставка. (Дојче Веле)