Се газат ли црвените линии? Експертите предупредуваат и бараат одржливо решение за спорот со Бугарија

Дали се гази врз црвените линии? Додека власта молчи, Бугарија се фали со напредок, а експертите предупредуваат за нова грешка на Македонија и нови отстапки.

Македонските црвени линии треба да бидат преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија. Ова како еден вид предупредување денеска го соопштија Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) кои изработија документ со цел да се информира општата и политичка јавноста и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да се земат предвид.

На Македонија не ѝ треба започнување на преговори со ЕУ ако во нив се влезе со позиција, која во текот на преговорите, би оставила простор за идентитетски и историски ревизии. Овие препораки денеска ги соопштија Институт за европска политика и Институт за демократија по се позачестените оптимистички изјави на македонските и бугарските, но и европските претставници за можен договор меѓу Македонија и Бугарија без кој нашите соседи нема да дозволат старт на преговорите со ЕУ.

„Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици.

Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент“, соопштија институтите и додадоа дека овој документ бил испратен до кабинетите на претседателот и премиерот на државата, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.

Какво и да е решението со Бугарија тоа мора, според институтите, тоа мора да биде врзано исклучиво со крајот на пристапниот процес, по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Македонија од сите субјекти (држави членки, ЕУ, Македонија), вклучувајќи го и евентуалното внесување бугарско малцинство во Уставот; да спречи можност за нови блокади на прегиоворите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на договорот; да има широка поддршка од јавноста и политичките субјекти; да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор.

Документот кој го обработува бугарското вето за земјава, дава насоки за решавање на сите прашања поставени како услов од Бугарија, но и за идентитетот и јазикот на Македонците со препорака, Бугарија да се обврзе овие теми да не бидат услов во европската интеграција. Во контекст на јазикот, не смее да се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик. Според институтите, текстот на Пристапниот договор со ЕУ во однос на јазикот мора да биде идентичен како и за другите држави пристапнички.

За двете организации предуслов за одржливо решение за наметнатиот спор е Бугарија да ги повлече Рамковната позиција, изјавите и Објаснувачкиот меморандум, досега поднесени до Советот на ЕУ, кои, како што се наведува, грубо го негираат македонскиот идентитет и ја даваат рамката за толкување на какво и да е идно решение или нова бугарска позиција.

За ЕПИ и ИДСЦ врвен ризик е секакво менување на Уставот на Македонија, освен на самиот крај на пристапниот процес, односно по сите ратификации кога Бугарија нема да има можност за блокада, Бугарија инсистира на менување на Уставот во рана фаза на пристапувањето, затоа што тоа ѝ отвора можност за постојан притисок врз идентитетските прашања и за последователните барања.

Во делот на работата на историската комисија се препорачува таа да биде ослободена од диктат и ограничена со рокови, односно двете влади да може да дефинираат што ќе прават кога ќе има резултати од работата на Комисијата, но не смее да се прифати обврска на резултат, а уште помалку временски рокови. Се предлага и решавањето на употребата на терминот „фашистички окупатор“ да биде дел од работата на историската комисија, а не на политички документ.

Институтите сметаат дека е недозволиво ако договорот биде вметнат во пристапниот процес затоа што тоа би ѝ овозможило на Бугарија да бара исполнување на услови кои немаат никаква врска со правото на Европската Унија, што би го фрлило целиот реформски процес во сенка и би ги свело преговорите со Брисел на задоволување на барањата на Софија.