Маж од Соединетите Американски Држави стана првиот човек во светот на кој му е трансплантирано срце од генетски модифицирана свиња, објави Би-Би-Си.

Дејвид Бенет (57) се чувствува добро три дена по седумчасовната експериментална процедура во Балтимор, изјавија лекарите.

Трансплантацијата беше неговата последна надеж да му го спаси животот, иако сè уште не е јасно колкави се неговите долгорочни шанси за преживување.

“Сигурна смрт или оваа трансплантација – ова беа моите опции. Знам дека тоа е истрел во темнина, но ова е мојата последна шанса”, коментирашеизјави Американецот неколку дена пред операцијата.

Лекарите од Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд добија специјална дозвола од здравствениот регулатор на САД да ја извршат процедурата. Бенет не ги исполнувал условите за трансплантација на човечки органи бидејќи бил во многу лоша здравствена состојба.

Хирургот Бартли Грифит смета дека операцијата ќе го донесе светот чекор поблиску до решавање на кризата со недостиг на органи. Можноста за користење на животински органи за т.н ксенотрансплантација за да се задоволи побарувачката, а употребата на свински срцеви залистоци е веќе широко распространета.

Во октомври 2021 година, хирурзите во Њујорк објавија дека успешно пресадиле бубрег на свиња на човек. Во овој случај, сепак, примачот бил мозочно мртов без надеж за закрепнување.