Ристевска – Јорданова: Во новиот предлог има само формални, но не и суштински промени

Новиот француски предлог не е подобар од претходниот туку само е технички изменет, вели за Телма Малинка Ристевска Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено), пишува Малинка Ристевска Јорданова за Республика.

„На 23 јуни премиерот Ковачевски во Брисел го кажа историското „не“ на тогашниот (необјавен) француски предлог, наведувајќи пет црвени линии.

По точно една седмица, објавен е „компромисниот француски предлог“ за кој Владата најави позитивен став. На вчерашните конференции за печатот и изјавите на премиерот, министерот за надворешни работи и вицепремиерот за европски интеграции изнесоа неколку тези во прилог на „да“. Што се смени во оваа една седмица?

Да појасниме: новиот француски предлог се состои од пакет од три документи:

предлог на заклучоци на Советот на ЕУ за општи работи;
заеднички став на ЕУ за политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската унија;
општ став на ЕУ за Министерскиот состанок на Меѓувладината конференција со која се окончува отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.
Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено). Најголемата, но сепак целосно формална промена е направена со механичката поделба на првата меѓувладина конференција на две дела – политички состанок и министерски состанок – а двете заедно ја сочинуваат „фазата на отворање на преговорите“ (предлог заклучоците на Советот).

Накусо се осврнуваме на тезите презентирани од македонските официјални претставници во однос на новиот односно „модифицираниот“ предлог.

„Преговорите (не) се отвораат веднаш“
Преговорите се отвораат по министерската конференција и по измената на Уставот, со што е задоволено бугарското барање. Политичкиот состанок е измислен како увертура за Владата на Македонија да може да го прикаже ова како отворање на преговорите.

Сепак, ова не е клучното прашање. Клучното е дека Владата се фокусираше само на отворањето на преговорите, но не и на нивниот тек и завршување.

Македонија не обезбедува никакви гаранции за завршувањето на преговорите.

„Гаранции дека (нема да) има натамошни условувања од Бугарија“
Нема никакви гаранции во предложените документи дека нема да има натамошни бугарски условувања. Наспроти тоа, Бугарија со овој пакет си ги обезбеди гаранциите однапред – нејзините барања стануваат целосно дел од процесот на пристапување и добиваат легална основа во пакетот на документи на ЕУ.

Според предложените заклучоци, во кои инаку не се ни споменуваат Копенхагенските критериуми, главно значење им е дадено на „постигнувањето конкретни резултати и спроведувањето во добра волја на билатералните спогодби – Преспанската и онаа со Бугарија“. Заклучоците веднаш потоа се повикуваат на Протоколот од вториот состанок, оценувајќи го како „значаен чекор за добрососедските односи и регионалната соработка“, кои остануваат „суштествени елементи на процесот на проширување…“.

Со тоа спроведувањето на Договорот со Бугарија, како што е дефинирано во Протоколот, станува клучен услов во процесот.

Оттаму, Владата, не само што мора не само што мора да го објави текстот на Протоколот, туку треба да оствари и аргументирана расправа по него.

„Протоколот (не) е дел од Преговарачката рамка“

Во Општиот став (кој ја вклучува Преговарачката рамка) јасно е упатувањето на член 12 од Договорот со Бугарија – преку “годишен преглед и мерки за негово ефективно спроведување….” во согласност со низа документи, меѓу кои и „други заклучоци на Советот“.
Извор: сдк.мк