Раткоцери: Македонија е заложник на „Длабоката држава“ градена од Србија од 1945 врз антиалбанизмот и антибугаризмот

„Македонија од 1945 година, е создадена, градена и инспирирана од антиалбанизмот и антибугаризмот, создадени од просрпските кругови во земјата. На својот фејсбук – профил вака пишува Арбен Раткоцери, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Коха“, земајќи ги како пример последните изјави на поранешниот потпретседател на Владата за евроинтеграции Никола Димитров за разговорите со Бугарија и неговата отворена недоверба кон Бујар Османи како министер за надворешни работи. Раткоцери пишува дека дел од антиалбанските и антибугарските агенди се и некои од медиумите, безбедносните служби, Академијата на науки, универзитетите, невладините организации, како и некои политички личности во СДСМ.“ – објави весникот на албански јазик „Коха“.

Потоа, „Коха“ ја пренесува и исцело објавата на својот издавач Раткоцери, кој пишува: „Македонија продолжува да биде заложник на ‘Длабоката држава’ (‘Deep State’), создадена од Србија уште во 1945 година и изградена и вдахновена врз антиалбанизмот и антибугаризмот. Оваа ‘Длабока Држава’, која е исклучиво просрпска и антиалбанска и антибугарска, главно е етаблирана силно во еден дел на медиумите, на безбедносните служби, судовите и униоверзитетите (посебно на Правниот факултет на УКИМ во Скопје, во Академијата на науки, невладините организации, во олигархијата, во конзервативниот дел на СДСМ, во многу други мали партии..“

Инаку, нејасно е на која „Академија на науки“ мисли Арбен Раткоцери: дали на Македонската академија на науки и уметности, за која не споменува, случајно или намерно, дека е Македонска, или на некоја друга Академија на науки?

Натаму, во својата објава Раткоцери наведува: „Политички ‘жртви’ на оваа ‘Длабока држава’ досега се тројцата премиери Љупчо Георгиевски, Владо Бучковски и Зоран Заев само затоа што имаа поинаков пристап кон Албанците, но и кон Бугарите, и затоа што се обидуваа да создадат дистанца кон Србија. Не ретко оваа ‘Длабока држава’ беше помагана и од наивната албанска политика.“

„Како типичен пример на методот на дејствување на просрпската ‘Длабока држава“ се и изјавите на поранешниот министер Димитров, кои дојдоа непосредно пред посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков и пред неговите најави за попријателски пристап кон Македонија. Оваа ‘Длабока држава’ го прави неможно решавањето на спорот со Бугарија исто како што не го дозволуваше од 1945 до 2001 година – која што дава отпор и натаму – на решавањето на правата на нивните сограѓани – Албанци!“ – завршува во својата фејсбук – објава новинарот и издавач на „Коха“ Арбен Раткоцери.