Прогнозата на Светска банка за растот на македонската економија годинава потона на 1,8 отсто

Само за три месеца Светска банка ја „скастри“ за една четвртина својата прогноза за растот на бруто домашниот производ на Македонија годинава, сведувајќи го на 1,8 проценти, што е за 0,6 процентни поени помалку од нејзината јунска проекција.

„Растот во 2023 година се очекува скромно да се зголеми за 1,8 отсто, како одраз на забавувањето на надворешната побарувачка и на постојаната криза со трошоците на животот, делумно неутрализирана од влијанието на изградбата на автопатот“, соопшти Светската банка во есенското издание од нејзиниот ажуриран извештај за економските движења во Европа и во Централна Азија.

Зголемените јавни инвестиции, обновената потрошувачка и извозот треба да доведат до умерено забрзување на економскиот раст на Македонија до 2,5 проценти во 2024 година и 2,9 отсто во 2025 година.

Извештајот укажува дека годишната инфлација во државава ќе остане висока и ќе изнесува 9,1 отсто во 2023 година, пред да се намали на долгорочниот просек од 2 отсто до 2025 година.

Напредок во преговорите за пристап во ЕУ може да ги забрза критичните реформи и да го отклучи растот, но зголемената политичка несигурност и продолжениот парламентарен ќорсокак поради немањето консензус за уставните измени и претстојните избори може да го одложат спроведувањето на реформите, додава глобалниот кредитор.

Понатаму, отстапувањата од политичките практики може да ја загрозат фискалната одржливост и опстојувањето на инфлацијата за возврат да бара дополнително монетарно затегнување, што може уште повеќе да ги ограничи опциите за финансирање и да ја забави економската активност понатаму, се вели во извештајот.