Професорот Трајковски предупредува дека парите губат вредност-Инфлацијата е црв што ги јаде заштедите

Дејан Трајковски, професор по квантна механика преку својот фејсбук профил укажува дека парите што нашите граѓани ги чуваат во банка практично губат на вредност, бидејќи, како што вели, стапката на инфлација е повисока од каматната стапка по која во нашите банки се чуваат штедните влогови на граѓаните.

„Едно зло никогаш не доаѓа само. Случајно или не, ама со започнувањето на корона-кризата во Македонија во првата половина 2020 година започна растот на инфлацијата, најдоброто мерило на растот на општото ниво на цените и опаѓањето на куповната моќ на парите. Од 0 отсто дојдовме до 3 отсато за само една година.

Иако проекциите на НБРМ (црвената линија на дијаграмот) предвидуваат мало намалување на инфлацијата и стабилизирање на околу 2 отсто (што дури се смета за некаква „здрава инфлација“), тоа е премногу во однос на номиналните каматни стапки на орочените депозити, па така парите наместо да добиваат – губат вредност.

При сегашните номинални каматни стапки под 1 отсто годишно (дури и на најдолгите рокови на орочување од 36 месеци!), јасно е дека реалните каматни стапки се негативни. Просто кажано, со чување орочени пари на банка не успеваме да ги спасиме од обезвреднување, односно после една година ќе можеме да купиме за 2 отсто помалку добра отколку што можеме денес.

Ако парите ги чуваме дома, губиме уште повеќе, цели 3 отсто годишно. Тоа е невидливиот црв којшто ги јаде нашите заштеди“, пишува професорот Дејан Трајковски.