Проф. Кирјаковски: За учебниците без демагогијата на Царовска и политиканство

Со своја анализа за пробоемот со печатените учебници се јави Доц. д-р Атанас Кирјаковски, кој предава психологија и когнитивни науки на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, а магистерските и докторските студии ги завршил на универзитетот „Кобе“ во Јапонија.

“Кога ќе прочиташ соопштение од Владата на Република Македонија кое почнува со популизам од типот: „Реакциите на јавноста дека во училиштата се применуваат парталави учебници кои имаат застарена и несоодветна содржина, многу технички и граматички грешки, нелогичности и дискриминација, стануваат минато“ – веднаш знаеш дека „рибата смрди од опашката“. Кога ќе прочиташ и друго соопштение каде што првата реченица демагошки гласи: „Ако до вчера на тема учебници дискутиравме за криминал, корупција и штетни договори, јас сум среќна што денеска дискутираме за [sic] исклучиво за квалитетот на учебниците“ – тогаш нема сомнеж дека станува збор за „неодговорна и тешка, геостратешка грешка“, вели Кирјаковски во анализата за факултети.мк.

Кирјаковски во кратка студија повикува да се дискутира за квалитетот на учебниците?

“Ајде навистина да дискутираме за квалитетот на учебниците, но без демагогијата на министерката Мила Царовска и наместо политикантски, да разгледаме што вели науката за најавените „реформи“ во образованието. За што всушност се работи? Имено, од кујната на министерката произлезе „соломонско“ законско решение за изработка и употреба на учебници во основното и во средното образование во кое своеглаво, избрзано и без сериозна јавна дебата, која би вклучила партиски-независни експерти, се предвидува вртоглава промена во моделот на учење во основното и во средното образование без притоа воопшто да се поведе грижа за негативните последици од неа.

Најконтроверзен е делот каде што се укинуваат печатените учебници, почнувајќи од четврто до деветто одделение во основното образование и за сите години од средното, и се воведуваат т.н. „дигитални учебници“. Ваквите измени сносат сериозни здравствени, психокогнитивни, развојни, социјални и економски импликации за децата, младите, родителите и наставниците. На што се базираат овие реформи? На наука, истражувања и податоци? Не”, анализира професорот.

Докторот на јапонски универзитет Кирјаковски во делот од текстот насловен” Закон за дигитални егзибиции и научна фантастика” пишува дека најверојатно поголемиот дел од јавноста, особено родителите, го немаат видено новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование.

“Затоа е многу битно да ги прочитаме во оригинал најконтроверзните делови и малку да ги продискутираме пред да навлеземе во научната литература релевантна за употребата на дигиталната технологија во наставата. Медиумите првично објавија дека законот бил повлечен од собраниска процедура за да го „усогласеле“ со некакваси ЕУ-регулатива и подоцна министерката потврди дека има намера да го носат со (зло)употреба на европско знаменце. Истовремено, законот наиде и на силни спротивставувања од јавноста, меѓу кои највидлива е оваа фејсбук-група која за само неколку дена собра над 72 илјада членови.

По поприлично копање низ веб-страниците на институциите, успеав да ја најдам верзија 1.2 од Законот објавена на 10.03.2021 на страницата на ЕНЕР (веројатно по „усогласувањето“ текстот на нацрт-законот ќе се разликува во некои делови, но до овој момент сѐ уште не е испратен назад до Собранието и конкретната ревидирана содржина засега ѝ е непозната на јавноста). Штом го прочиташ член 2 став (3), веднаш се јавува проблем. Ставот вели: „Дигиталниот учебник според структурата е идентичан [sic] со учебникот во печатена форма, но е збогатен со мултимедиални [sic] содржини што претставуваат надополнување на основниот текст/лекцијата со филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, што овоможува [sic] побрзо достигнување на очекуваните резултати”, пишува Кирјаковски кој укажува и на граматичките и печатните грешки во самиот закон.

Целата колумна на Кирјаковски на овој линк