Премиерот не знае каде е Рашковски, утре ќе провери дали ја напуштил Македонија

Шефот на Драги Рашковски, премиерот Зоран Заев, денеска рече дека не знае дали поранешниот генерален секретар на Владата е заминат надвор од Македонија. Заев најави дека дека утре ќе провери и ќе и соопшти на јавноста, не објаснувајќи зошто уште вечерва нема да побара информација.

„Верувајте, јас за сите вработени или ангажирани во Владата ниту се обидувам да имам контрола, ниту знам. Тие си имаат право на свој одмор, право на одлучување. Предмалку стигнав од Луксембург. Не знам“, рече Заев.

Драги Рашковски деновиве е актуелен во јавноста по информациите за набавка на софтвер за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни, кој за Министерството за внатрешни работи (МВР) лани во февруари го набавил Генералниот секретаријат на Владата кога тој го раководеше.

ВМРО-ДПМНЕ го обвини Јавното обвинителство дека поради политички причини се уште не отворило истрага за овој случај.