По стапките на Курц? Никогаш! – пишува Драган Милосављевиќ

Македонија е претполитичко општество. Значи не е некаква шашава космодиск демократија или хибриден режим. Не, Македонија не ги задоволува ниту најосоновните услови за да може да се рангира толку високо. Можеби, со оглед на лошата среќа во историска смисла и не треба да се очекува нешто повеќе.

Ние во минатиот век дрско скокнавме од феудализам во социјализам, што само по себе беше екстремно глупаво, бидејќи тоа е отприлика како од воловска запрега да се префрлите директно во вселенски брод и потоа да се чудите зошто не знаете да го управувате. Шведска и Данска дури сега се приближуваат кон некој облик на социјализам, после векови во мир, благосостојба и стабилност, а ние пред 70 години мислевме дека можеме да направиме цивилизациски седмоскок и да постигнеме нешто кое едноставно не соодветствуваше со нашите способности.

Демократијата само не врати таму каде што припаѓаме. Меѓу останатите балкански племиња, со кожуви на градите, со јатагани, боздогани, пушки малихерки и бомби кашикари. Од тој аспект, Западот ни направи услуга. Без употреба на сила, дури, би рекол, нежно и меко ни ги отвори вратите кон минатото во кое така весело припаѓаме. И затоа е глупаво, дури и идиотско, ова наше деноноќно запомагање, квичење и тажење над клетата судбина на европски засмрден двор, во кој се валкаме калливи меѓу коритата со помија и кофите со бајата вода. Никој не ни е виновен!

Денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка. Да не мисли некој дека одвај чекал да го направи тоа? Дека одеднаш решил да се занимава со геометрија или да се испроба во тенис?

Не, му се владее на човекот, нема никаква дилема дека е така, но Австрија е политичко општество и таму владејат правила на игра. Курц поднесе оставка бидејќи австриските обвинители го осомничија за користење јавни средства за плаќање на огласи во еден таблоид, а во замена за фаворизирање на анкетите за неговата партија. Тоа му е гревот. Си рекол, дај малку да ме поддржат преку анкетички, да поработат на мојот рејтинг, а јас да им фрлам ситна пара за возврат.

А одредени наивни индивидуи во Македонија зачудено рекоа, па кај нас премиерот фрла многу многу поголеми пари за лажно подигнување на неговата популарност и ете, не поднесува оставка. Хм.

Инаку во Австрија се живееше одлично и пред Курц и со Курц, и се си мислам ќе се живее солидно и без него на чело на владата. Во Македонија не се живее туку се преживува. Впрочем како и претходно, а по се изгледа и во иднина само ќе се преживува.

Па зошто тогаш Заев би се повлекол доброволно? Зошто би се повлекол Филипче поради катастрофата со пандемијата, поради тетовската трагедија, поради мизерното државно здравство? Зошто би се повлекла Царовска поради бесмислените и штетни „реформи“ во образованието? Зошто би се повлекол Спасовски поради пасошите за криминалци, поради десетиците нерешени случаи поврзани со дрога, шверц, убиства? Зошто би се повлекла Шекеринска поради тоа што во земјата членка на НАТО, војниците добиваат износена облека и вреќи за спиење од сојузниците?

Никогаш нема да се повлечат. Тие одлично знаат дека ова е претполитичо општество и дека не постои свесно граѓанско мнозинство кое едноставно ќе ги стави пред свршен чин.

Во Австрија Курц бил предупреден од коалиционите партнери дека ќе падне владата ако не се повлече. Кој би го сторил тоа кај нас?
Милевски од ЛДП? Генерал Стојанче? Или можеби ДУИ?

Никогаш а можеби ни тогаш нема да се откажат од власта заради „ситници“ и „дребулии“ како што се корупција, економски нокаут, меѓународни бламажи или заробено судство. Затоа што и тие знаат дека ова е преполитичко општество кое немо гледа како го газат и како додека му стојат врз главата смеејќи се, му велат дека му е убаво само уште не е свесно за тоа.

Која црна политичка одговорност? Какви демократски правила и традиции? Мислите дека сите овие убавини не им се јасни на нивните новинари, универзитетски професори, опинион мејкери? Се им е јасно. Повеќе отоколку на вас, но не им е гајле. Затоа што знаат дека ова е претполитичко општество, во кое со доволно силно трубење може да се загуши звукот на вресокот кој доаѓа од устата на огорчениот и обесправен народ.

А Европа, има ли таа дилеми со кого има работа? Се им е јасно во Брисел, Берлин, Лондон и Париз, особено во Вашингтон, ама исто им се фаќа. Нели кога одите во резерват ви велат дека можете да ги гледате животните како се убиваат меѓу себе, како се парат или се фрлаат од бездна, но немате право да интервенирате затоа што не сте дел од дивината и нејзините закони. Гледаат, се смеат, фотографираат и потоа си одат дома да им раскажуваат на пријателите какви чуда има по светот. Така што, од нас си зависи. Или ќе се промениме, ќе пораснеме и ќе станеме политички свесно општество кое смее, може и мора самото цивилизациски да се издигне и промени или ќе си останеме во калта меѓу коритата и ќе смрдиме до недоглед поразени и депримирани. Впрочем, ако ви е добро, тогаш ништо.