„Пасош и идентитет се различни работи“: Кирјаковски за „пропагандата на СДС“ против Македонците со бугарски пасоши

Професорот по психологија и когнитивни науки Атанас Кирјаковски со свои аргументи контра оцрнувањето од СДСМ на Македонците што зеле бугарско државјанство.

„Да ја побиеме антимакедонската пропаганда која со години СДС режимот ја фура против Македонците со бугарски пасоши, а преку тоа инсинуирајќи и дека сите Македонци се ‘притаени’ Бугари чиј мозок во 45-та бил ‘испран’.

Прво, бугарскиот пасош стана вреден и атрактивен кога Бугарија стана членка на ЕУ. Дотогаш беше ништо. Токму тоа е пресвртниот момент во кој дел од Македонците почнале да вадат бугарски пасоши. Значи, од економски причини, како билет за ЕУ и можност да се најде работа.

Второ, имањето пасош и имањето идендитет се две различни работи. По логиката на СДС пропагандата, значи јас сум ‘Јапонец’ бидејќи сум имал јапонска лична карта. Целата македонска дијаспора поседува пасоши од државата во која живее, но се идентификува како македонска.

Трето, по логиката на СДС пропагандата против Македонците со бугарски пасоши, сите Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми… коишто живеат во Република Македонија се ‘Македонци’, бидејќи сите имаат македонски пасош, а знаеме дека сите горенаведени си имаат засебен идендитет.

Имање пасош и имање идентитет се две различни работи. Македонците најчесто ваделе бугарски од економски причини, а не се идентификуваат како Бугари. Плус, оваа држава дозволува двојно државјанство и луѓето имаат право да си го користат без да бидат осудувани и дискриминирани“, коментира Кирјаковски на Твитер.

На забелешката од твитерџија дека за бугарски пасош се потпишува изјава дека предците на барателот биле Бугари, професорот со одговор: „Тоа е поради асимилаторските амбиции на Бугарија и негирањето на македонскиот идентитет. Но, ултимативно, никој не може да одлучува за некој друг што бил и како се идентификувал, па макар потпишал милион пати. Така и за своите предци. Тој потпис во суштина е беспредметен“.

„Тие што те негираат, ќе те негираат со или без потписи. Најголемиот наш проблем не се Македонците со бугарски пасош, туку режимов кој насилно ни го промени името и работи на рушење и бришење на македонскиот идентитет. Не сме ‘самите криви’, кривците имаат име и презиме“, заклучува Кирјаковски.