Осум дневен притвор за двајцата узурпатори на дворот на Поликлиниката „Бит пазар“

Двете лица кои завчера вечер со багер влегоа во дворот на поликлиниката Бит Пазар со намера на “диво” без дозвола да градат паркинг кривично ќе одговараат за “Узурпација на недвижности”, објави Сител. На првоосомничениот 45 – годишен од Скопје кој го узурпирал земјиштето по барање на обвинителството судија на претходна постапка му определи 8 дневен притвор, а на управувачот на градежната машина мерки на претпазливост.

Намерата на осомничените била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола. Ова за обвинителството укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејствија што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело, соопштија за Сител од ЈОРМ.

Од таму информираат и дека двајцата во петокот вечерта покажале голема упорност во намерата и за само два часа успеале да ја урнат оградата и бетонските столбови за да овозможат пристап на градежна механизација, а почнале да носат и камиони со голема количина песок која ја итуриле врз зеленилото. Од здравствен дом Скопје најавија дека наредните денови сами ќе ја поправат штетата ќе ја вратат отстранетата ограда и ќе го пополнат зеленилото.

Пријавата од чуварот и брзата интервенција на полицијата завчера го спречија планот на двајцата скопјани да изградат паркинг во дворот на здравствената установа. Министерот за внатрешни работи за случајот беше категоричен дека никој не смее да узурпира ниту државно ниту приватно земјиште бидејќи ќе одговара.