Номче на погрешната страна – Пишува Роберт Димитриевски

Го обожавав. И неизмерно го почитував како спортист. Беше исклучителен ракометар. Фантастичен во играта еден на еден. Само Лазаров беше и сè уште е ненадминат во тој сегмент од ракометната игра.

Не толку одамна на крајот од редицата репрезентативци за време на интонирањето на македонската химна на теренот со прстите на срцето го формираше знакот за обединета Македонија. Никој тогаш не се сомневаше во неговата љубов кон татковината. Напротив.

И што стана со Наумче Мојсоски откога заплива во политичките води? Прво беше претседател на партиската комисија за спорт на СДСМ, па стана директор на Агенцијата за млади и спорт. И во тоа својство завојува со Фудбалската федерација на Македонија. За сега да им се заканува на фудбалските клубови дека ќе им ги стопира парите од државата бидејќи ФФМ не го почитувала Законот за спорт. Конкретно, поради тоа што сè уште не е фудбалска федерација на „Северна“.

Добро, бе, Номче, не ти е малку непријатно, незгодно, што буквално стоиш на позициите на Грција, која непосредно пред почетокот на Европското првенство во фудбал и историското деби на Македонија најде замерка за кратенката ФФМ на дресовите? Па дури и за меѓународниот код МКД за државава во преносите од натпреварите на „црвено-жолтите“? УЕФА не најде проблем ни во едното, ни во другото, а си се растревожил ти?

Како ракометар што го оставал срцето на теренот за Македонија, од тебе најмалку би се очекувало да ја притискаш македонската куќа на фудбалот да се престрои според ќеифот на Заев, за кој немало македонска репрезентација, ами таква на „Северна“. Па фати да им се извинува на Грците за наводно прекршување на Преспанскиот договор, кој самиот неовластено го потпиша, игнорирајќи ги резултатите на пропаднатиот референдум за името.

Науме, на погрешната страна си. Можеби еден ден ќе ти текне дека си застанал наспроти волјата на сопствениот народ, но во моментов, очигледно, благодетите од тоа што си политичар те оневозможуваат да го сфатиш тоа. Илјадници Македонци што те бодреа и тебе, и колегите од ракометната репрезентација низ Европа и светот, не ти се непријатели, туку само разочарани во човекот за кој навиваа додека со гордост го носеше македонскиот дрес и ги бранеше боите на Македонија до последниот атом на силите.

Слушна ли, Наумче, некого во Букурешт и во Амстердам да навива за „Северна“? Напротив, неколкуте илјади фанови на македонската репрезентација, кои среде тешка коронакриза не штедеа пари за да ги бодрат „на лице место“ фудбалските херои, со солзи-радосници ја пееја химната на Македонија. Ги одраа грлата скандирајќи го нејзиното име. Сите до еден вооружени со дресови, шалови и транспаренти со вистинското име на македонската држава.

И сега ти, Мојсоски, како се чувствуваш стоејќи спроти нив? Убаво ти е на срцето? Ти трепери душата од мерак? Мислиш дека сте во право и ти, и тие што те поставија на функцијата?

Македонска ракометна легенда наспроти навивачите на Македонија?! Наспроти сите што си го сакаат ова парче земја и што до крајот на животот ќе навиваат само и исклучиво за Македонија? И што не признаваат никакви географски или не знам какви одредници додека кинат нерви за спортистите во црвено-жолти дресови?

Историјата, вклучувајќи ја и спортската, памети и слави херои. Но, не ги заборава ни оние другите. На спротивната страна. Погрешната.

Едноставно е, Наумче. Нема никакви филозофии. Емоции се во прашање. Или си, или не си. Трето нема.